Капиталните инвестиции не запираат и во време на оваа пандемија, проектите се во тек, а градежните работи се одвиваат непречно. Имаме добра реализација на капиталните инвестиции во ресорот транспорт. Интензивно се работи на патиштата, на водоводи и канализации, се гради гасоводот и нови социјални станови, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Тој заедно со директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, ја презентираа реализацијата на проектите во ресорот транспорт во првиот квартал од годинава.

Министерот Сугарески истакна дека реализацијата на капиталните инвестиции во Министерството за транспорт и врски изнесува 10 проценти. Потенцираше дека активно се работи на патната мрежа низ цела држава, на преку дваесетина проекти во комуналната инфраструктура, на изградба на двата магистрални гасоводи, на железницата и на изградба на преку петстотини социјални станови.

Министерот Сугарески додаде дека исплатени се 21 милион денари за финансиска поддршка за нови авиолинии, но поради настанатата состојба договорот со авиокомпанијата „Визер“ е ставен во мирување.

Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека првиот квартал е успешен, а изградбата и модернизацијата на патната мрежа во земјава продолжува со силно темпо.

Потенцираше дека во моментов се работи на рехабилитација на повеќе делници во вкупна должина од 150 километри, во завршна фаза се тендерите за реконструкција и рехабилитација на 84 километри патна мрежа, а набрзо ќе се распишат тендери за рехабилитација на 15 патни правци со вкупна должина од 232 киломтери.

– Градбите продолжуваат со несмалено темпо и покрај вонредната состојба. Одговорно тврдам дека нема да има кратење на капиталните инвестиции кои се однесуваат на инфраструктурните проекти. Јавното претпријатие за државни патишта продолжува да ја реализира Годишната програма за изградба, реконструкција, рехабилитација на државните патишта. Во таа насока, сакам да истакнам дека од предвидените 18.523.300.000 денари, за првиот квартал се реализирани околу 4 милијарди денари што значи дека нема никаков застој и работиме интензивно на терен согласно со временските услови и согласно со препораките воведени со вонредната состојба – истакна Китанов.

Тој додаде дека се интензивно се работи на изградба на експресните патишта и рехабилитација на преку триесетина регионални и магистрални патни правци.