Реализацијата на капиталните инвестиции на Министерството за транспорт и врски кај основниот буџет заклучно со август изнесува 63,25 проценти. Ресорниот министер Горан Сугарески очекува дополнително зајакнување на реализацијата во третиот и четвртиот квартал и прогнозира до крај на годинава да изнесува над 95 проценти.

Дел од процентот на реализација на капиталните инвестиции отпаѓа на сметката заеми, кај која, како што информираше Сугарески, клучен проблем е ставката гасификација поради запрените активности за изградба на гасоводот преку Водно. За таа ставка се алоцирани милијарда и 984 милиони денари, а се реализирани 8,6 проценти.

Како што велат од Министерството за транспорт, согласно сите студии, анализи, како и оценки на експертите, трасата преку Водно е најоптимална, а овој стратешки проект мора да продолжи. Потребно е откочување на работите, се привршува експропријацијата, а градежната оператива има капацитет да ги реализира планираните работи.

– Во изминатиот период имавме дебати, најавени се и нови од страна на Министерството за животна средина на кои многу јасно ги соопштуваме сите аргументи зошто гасификацијата односно гасоводот на Водно треба да продолжи, што значат финасиските средства, најважно од сė што значи заштитата на животната средина и за сите други аргументи кои ги имаме зошто не треба да настане промена на трасата што е зацртана на Водно – рече Сугарески на прес-конференција.

Прегледот на останатите ставки, покажува дека 84 проценти е реализацијата на капиталните дотации до општините од проектот „Декада на Ромите“ за изградба на инфраструктурни проекти, 65 проценти на проектот за железницата со редовно одржување на пругите на Коридорот 10, 40 проценти за изградба на канализациска мрежа за Сончев град и во Ѓорче Петров за каде се очекува до крај на годината исполнување на планираниот обем на работа.

Покрај гасификацијата и железницата дел од сметката заеми се и проектите за изградба на комунална инфраструктура преку КФВ банка, каде по тендерите што се очекува да бидат распишани месецов во вредност од седум милиони евра, се очекува реализација на дел од средствата кон крајот на годинава.