Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски денеска се сретна со градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. На средбата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, а се разговараше за проектите кои тековно се имплементираат во општината периодов и тоа што следува во претстојниот период на инвестициски план.

Сугарески изрази задоволство од проектот на Министерство за транспорт и врски кој е завршен, во делот на водоводната мрежа во дел од централното градско подрачје, околу три километри каде се заменети азбестно-цементните цевки.

– Сакам да најавам два проекти за кои општината во Министерството за транспорт и врски има аплицирано и очекуваме преку Министерството до Европска инвестициска банка двата проекти да бидат реализирани. Едниот се однесува во делот на замена на водомери, а вториот за поврзување на водоводна мрежа во дел од општината. Моите очекувања се апликацијата да заврши во најбрз можен рок, средствата од ЕИБ да бидат одобрени во најбрз можен рок, така што за очекување е двата проекти најбрзо да отпочнат со работа во оваа општина- истакна Сугаревски.

Тој го посети реонот каде преку Јавното претпријатие за државни патишта заедно со „Македонија пат“ е реализиран проектот од делот на патната инфраструктура, асфалтирање на патот Крива – Паланка- село Огут, во должина од шест километри. Посочи дека проектот е од исклучителна важност, особено за населението.

– Владата интензивно е посветена на Крива Паланка и Кривопаланечкито регион. Пред извесно време влеговме во изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, а моите очекувања се согласно роковите и на италијанската фирма и на Гранит, Скопје, сето тоа да биде испочитувано. Во делот на железничката инфраструктура планирани се сериозни инвестиции. Наскоро ќе има тендерирање за железничката пруга Бељаковце-Крива Паланка, бидејќи средствата за пругата во оваа делница од 145 милиони евра се обезбедени, од кои 70 милиони евра се грант средства од ЕУ и ќе отпочне тендерирањето во делот Крива Паланка – граничен премин Деве Баир. Станува збор за исклучителен проект за кој треба да бидат обезбедени средства- рече Сугарески и додаде дека 60 милиони евра се средства обезбедени од ИПА.

Нагласи дека дополнително ќе аплицираат и за дополнителни средства од ИПА. Смета дека согласно конфигурацијата на теренот станува збор за поскап проект кој можеби ќе достигне и до 400 милиони евра поради конфигурацијата на теренот, иако станува збор за само 23 километри-планински дел е и ќе има многу тунели и мостови.

– Нашите очекувања како Влада се дека во нареиодниот период во овој регион ќе бидат поторшени над половина милијарда евра средства, а на тој начин ќе покажеме дека се што во претходниот период сме ветувале, од наша страна ќе биде испочитувано и најголемито бенефит ќе го имаат граѓаните на Крива Паланка и Кривопаланечкиот регион- додаде Сугарески.

Градоначалникот Борјанчо Мицевски рече дека за само еден месец во Крива Паланка се инвестирани околу 30 милиони денари, од кои дел за замена на азбестните цевки и подобрување на водоводниот систем во градот, а во патната инфраструктура се инвестирани 15 милиони денари.

– Разговаравме што ќе се вметне за имплементација во 2019 година. Овој пат е последен пат асфалтиран во 1982 година, што не смее да се повтори во наредниот период, да не може да се инвестира во нов асфалтен слој три децении, а на ова треба во иднина многу повеќе да се работи, за подобрување и на патната инфраструктура и подобрување на бизнис климата со што ќе се запрат и миграциите и во општината ќе создадеме подобри места ва живеење- изјави Мицевски.

Министерот Николовски истакна дека како член на економскиот совет на премиерот е благодарен за поддршката на Економски совет и на ниво на Влада каде се носат клучните одлуки, за поддршката која ја добиваат од Сугаревски и Министерството за крупните проекти кои се поддржани во овој регион.

– Правевме се да се забрза експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, се работи на ретендерирање на втората фаза на делницата за железнинцата, а се одобрени и дополнителни 70 милони евра грант, со што е заокружена и постапката на финансирање. Работиме на третата фаза и за други крупни проекти за овој регион, зашто се пред се од интерес на граѓаните- рече Николовски.