Информациите од теренот покажуваат дека банките се подготвени да работат и во актуелните вонредни околности и дека ги следат препораките за превенција, утврдил тимот на Народната банка и на Министерството за финансии, кој координирано ги следи состојбите во економијата и потенцијалните ризици од ширењето на коронавирусот, но и од мерките воведени заради заштита на јавното здравје

Банките се подготвени да работат и во актуелните вонредни околности и да ги следат препораките за превенција, утврдил тимот на Народната банка на Македонија и на Министерството за финансии, кој координирано ги следи состојбите во економијата и потенцијалните ризици од ширењето на коронавирусот, но и од мерките воведени заради заштита на јавното здравје.
– Беше одржана електронска седница на Комитетот за финансиска стабилност, меѓуинституционално тело за следење на состојбите во финансискиот систем, во кое членуваат претставници на двете институции. Комитетот заклучи дека банкарскиот систем е стабилен. Банките продолжуваат со давање услуги на граѓаните и на компаниите. Информациите од теренот покажуваат дека банките се подготвени да работат и во актуелните вонредни околности и дека ги следат препораките за превенција – беше соопштено од НБ.

Од банката нагласуваат дека е особено важно што последниот редовен квартален стрес-тест, спроведен со податоци за 31 декември 2019 година, ги потврдува стабилноста на банкарскиот систем и неговата отпорност на симулираните шокови.
– Економските ефекти од вирусот сѐ уште се неизвесни на глобално и национално ниво и зависат од времетраењето и силината на овој неочекуван шок. Постојано ги ажурираме информациите и ги оценуваме можните ефекти врз домашната економија, заради навремено преземање соодветни мерки – додаваат банкарите.
Следниве денови Народната банка треба да донесе регулаторна измена со која ќе се олеснат условите за реструктурирање на кредитите на граѓаните и на компаниите.
Претходно, НБ ја намали основната каматна стапка на 1,75, а потоа донесе и одлуки, кои очекува да придонесат за ублажување на потенцијалните неповолни ефекти врз економијата.

– Донесена е и одлука за одложена примена на некои регулаторни барања од банките за да се овозможи поголема посветеност на давањето кредитна поддршка на стопанството и на населението – истакнуваат од НБ.
Поради ситуацијата со коронавирусот, беа најавени мерки од економскиот тим на Владата за поддршка на компаниите. Сепак, претставниците на бизнис-заедницата посочуваат дека ќе бидат потребни дополнителни мерки. Уште пред неколку дена првиот човек на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески порача дека „државата треба сега да ја спаси економијата, а подоцна економијата ќе ја спаси државата“.

И повеќето други земји, погодени од ширењето на коронавирусот, веќе најавуваат разни мерки за спас на економијата. Европската централна банка најави пакет за спас од 750 милијарди евра, кои ќе бидат искористени за откуп на долгот на државите и на компаниите од еврозоната. Американските финансиски власти објавија дека каматните стапки ги симнуваат речиси на 0 и дека започнуваат програма за стимул од 700 милијарди долари (646 милијарди евра).