Фото: Маја Јаневска-Илиева

Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија

Ако нема унапредување на економскиот амбиент, формирање јаки независни институции, мотивирање за развој на мали и средни претпријатија и да се инвестира во нив, тогаш попусто е процесот на приватизација

Александар Влаховиќ е претседател на Сојузот на економисти на Србија и идеен творец и организатор на најзначајниот бизнис-настан на Балканот – Бизнис-форумот на Копаоник (нарекуван уште и Балкански Давос). Од 2001 година до март 2004 година бил министер за стопанство и за приватизација. За време на неговиот мандат биле подготвени и усвоени повеќе важни реформски закони, вклучувајќи го и Законот за приватизација, а во текот на неговиот мандат биле приватизирани повеќе од 1.300 компании.
Влаховиќ вчера учествуваше на трибината организирана од Стопанската комора на Македонија, каде што се дискутираше за предизвиците на регионалната економска соработка, како неопходен предуслов за иднината на регионот на Западен Балкан како целина, но и за секоја од државните одделно, за зачетоците на Бизнис-форумот на Копаоник, кој прерасна во најзначаен бизнис-настан на Балканот, но и за српските искуства во спроведувањето на процесот на приватизација.

Процесот на приватизација е една од многу битните реформи. Македонија, како и Србија, има најдолг процес на приватизација. Кои се причините за бавното одвивање на овој процес и пропустите при спроведувањето на приватизацијата?
– Тешко е да се спореди процесот на приватизација со која било држава, со обѕир на тоа дека процесот на приватизација во Србија постои 25 години и сѐ уште трае. Србија поради санкциите пропушти еден период во кој можеше да направи брз и ефикасен процес на приватизација стартувајќи со ваучерско приватизирање, таканаречено работничко акционерство. Што се однесува до Македонија, таа спроведе еден комбиниран модел на приватизација, од една страна препродаваа, се работеше на моделот на платена приватизација, а од друга страна беше и делот на т.н. ваучерска приватизација. Приватизацијата сама по себе може да биде суперосмислена, но ако е лошо спроведена, тогаш воопшто нема да биде успешна. Ако нема унапредување на економскиот амбиент, формирање јаки независни институции, мотивирање за развој на мали и средни претпријатија и да се инвестира во нив, тогаш попусто оваа приватизација. Грешката што ја направи Македонија во процесот на приватизацијата е долгото спроведување, како и тоа што Македонија се потпре на приватизацијата како на клучна рамка на транзицијата. А приватизацијата воопшто не е клучна, туку структура на економијата. Бившите земји на Југославија имаат наследено лоша структура од 1990-тите години, имаа огромни економски проблеми, и таа економска структура мораше да се менува. Но таа може да се промени само преку гринфилд-инвестиции, а не преку успешна приватизација.

Од 2000 година, кога бев министер, комплетно го променивме законодавството и преминавме на продажба. Тој модел на продажба од 2000 година даде многу добри резултати, секако дека ниту една приватизација не може да биде 100 отсто успешна. Без разлика кој модел го спроведувате, многу е важно како го спроведувате. Моделот може да биде перфектен, најдобар, но ако имате агенција што не е доволно компетентна успешно да ја спроведе приватизацијата, ако нема доволно знаење, ако нема доволно искуства и ако е политички избрана, тогаш ни резултатите од приватизацијата нема да бидат добри. Оваа приватизација во Србија во првите неколку години беше неверојатно успешна, па веќе од 2004 до 2015 година успехот на приватизацијата не е воопшто добар, без разлика што моделот не е променет. Тоа се случи бидејќи се сменија луѓето што ги водеа регулаторните тела, но и начинот на работа е променет.

Какви се последиците од овој модел на процесот на приватизација во Македонија?
– Последиците на Македонија, но и на сите земји од Западен Балкан, се тоа што имаме неконкурентна економија, проблем е и непостоењето на независни институции. Јас сметам дека независните регулаторни институции се многу значајни за градење една успешна земја и успешна трговска економија. Во Македонија не може да имате атрактивен економски амбиент ако има бавно, неефикасно и потпартиско судство. Не може да има изградено конкурентна економија ако комисијата за заштита на конкуренцијата не работи успешно.

Каков е пресекот во регионот и во Македонија во однос на развојот на економијата? Што недостига во Македонија за пораст на бруто-домашниот производ, кои се стимулативните мерки за да достигнеме пораст од 6 отсто?
– Развојот на институциите како детерминанта за вкупниот развој е нешто на што сите земји од Западен Балкан паднале на испитот и поради тоа имаме бавен пораст. Ако сите земји од Западен Балкан имаме просечен пораст, како што имавме во 2008 година, од околу 6 отсто, ќе ни требаат 50 години да го постигнеме просечниот стандард што постои во Европска Унија. Постои едно правило на економијата, ако сакате да го дуплирате бруто-домашниот производ, Македонија мора да расте со стапка од 7,2 отсто на годишно ниво, а Европската Унија да има пораст како што имаше во 2008 година. За да го достигнеме овој пораст, генерално што треба да направиме е да создадеме еден заеднички регионални економски простор, бидејќи анализите покажуваат дека посебните економии не конкурираат.
Со други зборови, регионалниот економски простор покажува и поголема конкурентност на сите земји и регион што ќе биде значајно конкурентен во натпреварување со земјите од ЕУ. Денес има апсурдна ситуација. На пример, ако сакате за превезете стока од Македонија до ЕУ до Унгарија, ќе чекате околу 12 часа на границата со Србија, а исто толку и на границата со Унгарија, а транспортните трошоци се за 6 отсто повисоки во споредба со земјите од ЕУ, ќе бидете помалку конкурентни. Исто така, унапредувањето на инфраструктурата е многу битно, бидејќи навистина е незамисливо за 7 часа да се стигне во Сараево, а за исто толку да се стигне и до Истанбул, или да се патува до Црна Гора преку Косово и Албанија, наместо да се стигнува преку Србија, така што инфраструктурното поврзување е многу значајно.

Кои значајни структурни реформи недостигаат во Македонија и како треба да се развиваат тие?
– Секако дека секоја земја треба да работи и на структурните реформи и на законите, а во тоа најмногу затајуваме. Структурните реформи подразбираат и делумна приватизација на јавни фирми. Исто така сметам дека треба, како и Македонија, така и Србија, да добиеме квалитетна услуга, бидејќи сѐ уште не функционира пазарот за снабдување со електрична енергија. Зошто да не можеме ние како потрошувачи да избереме кој ќе нѐ снабдува со струја и по која цена, наместо да ни се наметнува една државна компанија? Потоа е потребна голема поддршка на малите и на средните претпријатија, бидејќи ниту една странска компанија не може да ја спаси државата.
Секако дека тие се многу битни за вработувањето. Но ако ние не ги развиваме малите и средните претпријатија, кои се најмногубројни во една држава, и не продолжиме со реформи во институциите, тогаш не можеме да направиме конкурентна економија. Странските компании не треба да имаат некои посебни услови во однос на домашните, тие треба да бидат изедначени, бидејќи без развивање на домашните претпријатија, нема здрава одржлива економија. Треба да им се овозможат сите бенефиции на домашните компании, од банкарски кредити до едукативни програми. Сите овие работи водат кон унапредување на економскиот амбиент.
На Дуинг бизнис-листата, Македонија е пласирана најдобро, се наоѓа меѓу првите 10 земји, но мислам дека Македонија пред сѐ има политички проблем, а тоа е конечно да се придвижи кон ЕУ, бидејќи се наоѓа на таа врата последниве десетина години.
А тоа е битно бидејќи од самиот почеток ќе влијае на нивото на ризикот и тоа ќе ја подигне атрактивноста за странските инвеститори, кои се добредојдени, не можете без нив, но сепак првично акцент треба да се стави на домашните, а секако би се решил и проблемот со невработеноста, што во Македонија е најголем во споредба со земјите од регионот. Тоа се услови за понатамошен економски развој.