Експеримент во Германија

Германскиот институт за економски истражувања ДИВ и стартапот „Мајн грундајнкомен“ почнуваат експеримент во Германија за да утврдат како универзалниот основен доход влијае врз ставот и животот на оние што го примаат.
Во рамките на пилот-проектот „Основен доход“, 120 луѓе секој месец ќе примаат 1.200 евра во период од три години, а нивните искуства истражувачите ќе ги споредат со друга група од 1.380 луѓе што нема да примаат пари.
– Целта на истражувањето е да се дојде до научно сознание за тоа како однесувањето и ставовите на луѓето се менуваат кога редовно примаат пари без никакви услови – појаснува Јирген Шуп, истражувач на ДИВ, во изјава за „Шпигел“.

Кога станува збор за основниот доход, дебатата досега во главно се водеше за тоа дали ќе ги мотивира луѓето повеќе да се ангажираат во економијата и општеството или ќе поттикне мрзеливост.
Спорни се големите трошоци на таквата програма. Исплатата на 1.000 евра месечно во Германија, која има нешто помалку од 83 милиони жители, би ја чинело државата речиси билион евра годишно.
Германските државни расходи во моментот се нешто помали од 1.500 милијарди според податоците на Сојузниот завод за статистика.