Работодавци од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга… зеле финансиската поддршка од државата за исплата на плати, но не им ги исплатиле на работниците, покажала анализата на Управата за јавни приходи (УЈП), преку која се спроведуваше мерката за поддршка од последиците од корона-кризата, а за да се задржат работните места.
Како што соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска, станува збор за 281 работодавец што во април примиле поддршка во износ од речиси десет милиони денари, а не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени. Во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари.
Утврдено е дека 120 даночни обврзници што добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за месеците април и мај, а осум даночни обврзници исплатиле помала плата за двата месеца.

Во април, најголем дел од компаниите што не исплатиле плати на работниците се од дејноста трговија – 62 фирми, од дејноста приготвување оброци и служење храна – 43 фирми и од градежниот сектор – 17 фирми. Меѓу фирмите што не исплатиле плата на вработените во април, а добиле финансиска поддршка имало и од дејноста производство на облека, трговци на мало и на големо, емитување програма, објекти за сместување и слично. Најголем дел од фирмите се од Скопје – 84, потоа Тетово – 38, Гостивар – 23, Струга – 20 и Куманово – 16.
Во мај од оние 427 компании што не исплатиле плата за 984 вработени се од дејноста трговија на мало – 84 фирми, 66 фирми се од дејноста приготвување оброци и служење храна, 35 фирми се од транспорт, осум фирми од нискоградба, а меѓу овие се и фирми од градежниот сектор, производството, трговијата на големо и мало, емитувањето програма и слично.
Според анализата, 110 фирми што не исплатиле плата во мај се од Скопје, 61 од Тетово, 34 Гостивар, 28 Струга, 21 во Куманово, 15 Битола и 10 во Струмица.

Лукаревска објасни дека на работодавците што користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата им се доставени опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следува спроведување постапка на присилна наплата на платата. Дополнително, додаде таа, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавецот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.
– Управата располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот. Податоците за компаниите што примиле финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на платата ќе бидат доставени до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка, од каде што истите тие ќе може да бидат и јавно објавени – рече Лукаревска.