Вкупно 62 отсто од компаниите во земјава се соочуваат со недостиг од стручен кадар и засега недостигот е најголем во машинската индустрија, електротехничката струка, прехранбената и хемиската индустрија, туризмот и угостителството

Неусогласеност на вештините и компетенциите на понудата со побарувачката на работна сила, миграциската политика и одливот на кадар од државата, како и образовен систем што не одговара на потребите на бизнис-секторот доведуваат до сериозен недостиг од стручен кадар во нашата држава. Вкупно 62 отсто од компаниите во земјава се соочуваат со недостиг од стручен кадар и засега недостигот е најголем во машинската индустрија, електротехничката струка, прехранбената и хемиската индустрија, туризмот и угостителството.

Огромен расчекор помеѓу побарувачката и понудата

Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, кај нас има недостиг од работна сила со потребните квалификации. Најголем недостиг имаат компаниите од преработувачката индустрија, кои имаат отворени огласи за вработување на кои не се јавуваат работници.
– Причината за недостигот од работници е резултат на огромниот расчекор помеѓу потребните занимања и понудата на кадар. Имено, структурата на нашето стопанство е таква што најмногу се бараат едноставни мануелни работи и средни стручни занимања. Од друга страна, најголемиот број млади завршуваат некакво високо образование, и тоа од општествените науки и не сакаат да конкурираат на работни места каде што се бара средно образование – објаснува Димитров.
Како што велат од Стопанската комора на Македонија, нашата економија веќе подолго време трпи последици од недоволен број стручен кадар на пазарот на трудот, како резултат на неколку причини.
– Првата причина е неусогласеност помеѓу вештините и компетенциите што се нудат преку образовниот процес и побарувачката на работна сила, а тоа е резултат на нефлексибилен образовен систем што тешко ги следи брзите промени и потребите на бизнис-заедницата поради ограничувачките процеси и процедури и не испорачува стручни кадри според нејзините потреби – истакнуваат од СКМ.

Потребна е стратегија

Оттаму нагласуваат дека е потребна стратегија на уписна политика, која ќе ги следи потребите на стопанството и усогласувањето со потребите по секторите, и потребни се процеси и процедури за одобрување нови квалификации и наставни планови и програми.
– Недостигаат анализи за занимањата што се барани на пазарот на трудот, според кои би можеле да се предвидуваат и планираат идните потреби од стручен кадар, и потребна е практична обука што се реализира во компаниите – велат надлежните од СКМ.
Заминување на работоспособното население во странство, споменуваат од СКМ, е големо нарушување во државата, а тоа значи неповратно губење на кадарот во кој со години се вложувало.
– Во поново време, проблемот што се јавува во земјава со недостиг од работници е и преземањето на кадарот на компаниите помеѓу себе, што може да претставува сериозен проблем помеѓу компаниите и намалување на продуктивноста на една компанија за сметка на друга компанија – објаснуваат од СКМ.

Како што додаваат оттаму, за надминување на проблемот со недостигот од стручен кадар може да се гледа од два аспекта, преку формалното образование и преку неформалното образование.
– Преку формалното образование, образованиот систем треба да ги следи барањата на бизнис-заедницата и брзо да реагира со обезбедување нови квалификации и изработка на нови планови и програми на потребите на бизнис-заедницата, а тоа може да го направи доколку процедурите и постапките за одобрување на новите квалификации, наставни планови и програми се поедноставни – велат од СКМ.

Уписната политика да ги следи потребите на стопанството

Според нив, уписната политика мора да ги следи потребите на стопанството и конкурсите за упис да бидат релевантни на барањата на стопанството, но и да се зголемат критериумите за упис за оние квалификации за кои е презаситен пазарот на трудот, како медицински сестри, правници, економисти. Истовремено, потребни се стипендии на учениците за дефицитарни квалификации.
– Преку неформалното образование, проблемот може да се надмине преку испорака на брзи, ефективни и временски кратки обуки според барањата на работодавците за квалификации и вештини, но со поголем фокус на практичната обука за специфичните работни процеси во компаниите – додаваат од СКМ.
Тие велат дека образованието игра голема улога во креирањето вештини, што значи применливост на знаењето, а тоа може да се постигне само со квалитетна обука во училишните работилници, но пред сѐ во компаниите во кои покрај стручните вештини се стекнуваат и меки вештини, кои се исто така потребни за непречено одвивање на производствениот процес.

Пописот на населението ќе покаже што недостига

Горан Рафајловски од „Рафајловски консалтинг“ вели дека е неопходна сериозна економска програма изработена врз основа на попис, која ќе покаже што ни недостига.
– Ние како бизнис-заедница веќе со години бараме да се направи економска програма, да знаеме што навистина поседуваме, каков кадар имаме и кон што се стремиме. Проблемот не е лесно решлив, ова е навистина сериозна тема на која ѝ е потребен сериозен пристап – објаснува Рафајловски.
Тој истакнува дека на нашиот пазар недостигаат образовани среднисти, како електричари или работници во дрвната индустрија, а од друга страна имаме голем број млади што завршуваат општествени науки и нема каде да се вработат.
Друг проблем, како што вели тој, е што веќе со години Владата е најголемиот работодавец, што е лошо за развојот на економијата.