Парафискалните давачки не се само фискален товар, туку се и пречки за ефикасна администрација, а често и извор на корупција. Бирократијата во институциите нив ги користи за таканаречени сопствени приходи и најчесто не се алоцирани. Овие давачки ја спречуваат ефикасноста и поттикнуваат пречки во развојот на компаниите, а дефинитивно претставуваат посебен финансиски товар кај малите и микробизнисите

Давачките за лиценци, дозволи, сертификати за документи од институциите се сериозен товар за компаниите

Големиот број давачки од неданочна природа, таканаречени парафискални давачки, се дополнителен товар што доаѓа од страна на државните органи, јавните претпријатија и локалните самоуправи без јасна претстава и цел за тоа. Компаниите сѐ почесто укажуваат дека се оптоварени со нив. Тие истакнуваат дека е неопходен регистар за систематизација, како и соодветно намалување на скриените давачки и олеснување на секојдневните процеси, поради што стопанските комори побараа од Владата укинување на парафискалните давачки како една од антикризните мерки што во моментов се спроведуваат или најавуваат.
Пресметките на Сојузот на стопански комори се дека станува збор за 145 давачки што според ова бизнис-здружение се скриени или непредвидени трошоци за компаниите.
Извршната директорка на институтот за економски политики и истражување „Фајненс тинк“, Благица Петрески, вели дека резултатите од неодамнешното истражување покажале дека давачките за лиценци, дозволи, сертификати и одобренија и издавањето документи од институциите претставуваат најголем товар за компаниите.
– Цената на чинење на парафискалните давачки има широк распон, од 50 денари до 18 милиони денари. А, пак, 65 отсто од компаниите сметаат дека начинот на формирање на цената не е ни транспарентен ни објективен – објаснува Петрески.
Финансискиот товар кај големите компании е релативно мал во споредба со помалите, но неизвесноста и времето потребно за усогласување и бројноста на парафискалните давачки се секаде исти.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека парафискалните давачки се товар за реалниот сектор и даночните обврзници, особено што тие не се преносливи како даноците.
– Тие не се товар само при кризи, туку и во нормални времиња, бидејќи ретко може да се калкулираат и проценат благовремено. Тие не се транспарентни и најчесто се создаваат со периферни нормативни решенија – објаснува Беџети.
Според него, парафискалните давачки треба да се сведуваат на минимум по сите основи, особено за посреднички тарифи, како при заверување така и при извршување. Како што вели тој, во никој случај нивната цел не треба да биде фискална и треба да се укинат побрзо секаде каде што е можно.
– Парафискалните давачки не се само фискален товар туку се и пречки за ефикасна администрација, а често и извор на корупција. Бирократијата во институциите нив ги користи за таканаречени сопствени приходи и најчесто не се алоцирани. Овие давачки ја спречуваат ефикасноста и поттикнуваат пречки во развојот на компаниите, а дефинитивно претставуваат посебен финансиски товар кај малите и микробизнисите и не само за ликвидноста – истакна Беџети.
Од „Фајненс тинк“ велат дека треба да се намалат парафискалните давачки преку спојување слични услуги, вклучувајќи и унификација на називите и бришење на застарените и неприменливи услуги, да се одреди градација на цената на одредени парафискални давачки според големината на фирмата и локацијата (на пример фирмарина, комунални такси…).

Од Сојузот на стопански комори додаваат дека, покрај средствата, компаниите губат време и во долги и застарени административни процедури со многубројна документација.
– Дополнително, постојниот систем на скриени давачки е непредвидлив и тоа сериозно влијае на конкурентноста на македонското стопанство – истакнуваат од ССК.
Еден од приоритетите, според нив, е промена на основата на која се пресметува фирмарината, парафискална давачка што компаниите им ја плаќаат годишно на локалните власти.
– За фирмарина сите компании плаќаат иста сума, која за микрокомпаниите е огромен трошок за разлика од големите претпријатија што го плаќаат истиот износ – велат оттаму.
Како што додаваат од Сојузот, субиндикаторите на парафискалните оптоварувања, според Светскиот економски форум, укажуваат дека непотребните административни трошоци во Македонија се највисоки во споредба со Црна Гора, Србија и со Хрватска. Истото тоа се однесува и на трошоците поврзани со регулативата, како и на транспарентноста во носењето на легислативата и прописите.

Катерина Михајлова