Ако сакаме позитивно да ја завршиме годината со планираниот економски пораст од 3,2 отсто и без какви било негативни последици врз деловниот сектор, тогаш процесот по завчерашното референдумско изјаснување треба да заврши што побрзо и поедноставно, смета Стопанската комора на Македонија. Според комората, за бизнис-заедницата се најважни стабилноста и сигурноста и затоа не треба да има турбуленции што би предизвикале проблеми врз производството и инвестициите.

– Секое поместување во оваа насока може некако да се рефлектира. Ако сакаме позитивно да ја завршиме годината, потребна ни е стабилност во функционирањето на институциите. Очекувањето е колку може поедноставно и побрзо овој процес да се заокружи за да не се предизвикаат негативни последици по натамошниот економски пораст. Во минатото беше евидентно, и тоа го покажуваа сите статистички показатели, дека во услови кога имаме избори и одредени кризи, стопанството не е имуно и се доведува во пад или стагнација – истакна в.д. извршната директорка на Стопанската комора, Билјана Пеева Ѓуриќ.

Таа потсети дека Македонија лани ја заврши годината со 0,1 отсто пораст.
– Влеговме во фаза кога состојбите почнаа да се раздвижуваат и кумулативно имаме пораст на БДП од 1,6 процент во првото полугодие, а само во вториот квартал 3,2 отсто. Далеку сме од економска стагнација, но доколку сакаме да го постигнеме проектираниот пораст од 3,2 процента, треба да постојат реално такви состојби на пазарот и да нема непредвидени движења на домашната сцена или од надворешни фактори – нагласи Пеева Ѓуриќ.