Потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, Анета Трајковска, за „Нова Македонија“ објаснува дека барањето за одложена примена е со цел компаниите да ги реализираат новините што се бараат од нив и истакнува дека со предвидените рокови се ставени во незавидна позиција, да не можат да ги исполнат барањата

Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ) бара од Македонска берза да ја одложи примената на кодексот за корпоративно управување на котираните друштва за една година, поради неможност на компаниите да ги спроведат измените. Претставниците на СКСМ објаснуваат дека барањето за одлагање на примената на кодексот е по иницијатива на компаниите што котираат на Берзата и кои апелираат кодексот да се применува од пролетта 2023 година, односно да се вгради соодветната изјава во годишните извештаи за работата за 2022 година.
– Компаниите со своето потпишување заедничка иницијатива го потврдуваат фактот дека не е извршена консултација со бизнис-заедницата во делот на почеток на нејзината примена и укажуваат дека работат во исклучително тешки услови на стопанисување, во услови на здравствена, економска и енергетска криза, која наметнува огромни активности и дејства насочени кон одржување на нивната деловна активност, односно насочена кон одржување и зголемување на нивната конкурентност, продуктивност, настап на странски пазари и сл. и повеќе од потребно е да им се овозможи и излезе во пресрет на оваа иницијатива – се наведува во барањето на Комората.
Потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, Анета Трајковска, за „Нова Македонија“ објаснува дека барањето за одложена примена е со цел компаниите да ги реализираат новините што се бараат од нив и истакнува дека со предвидените рокови се ставени во незавидна позиција, да не можат да ги исполнат барањата.
– За да успеат компаниите да ги реализираат новите барања, треба да направат измена на статутите на самите компании. Но овие статутни промени на основачки акт на компанија се прават исклучиво на седница на собрание, и тоа посебно се однесуваат на промените што треба да се спроведат на управните и надзорните одбори и да се воспостави соодветна статутарна регулација во делот на формирање повеќе комисии што ги налага самиот кодекс на корпоративно управување.

Ќе напоменам дека кодексот за корпоративно управување е донесен на 26.10, а компаниите што треба да го применат се објавени на 5.11 од страна на Македонска берза. Со ова, за нив практично е невозможно да пристапат кон имплементацијата и со тоа да се приложи изјава од страна на управниот одбор потпишана од секое трговско друштво дека го примениле кодексот, и тоа со датум од почетокот на 2021 година. Што значи дека кодексот требало да важи и да се применува во текот на цела оваа година, што е невозможно. Ставени се во незгодна позиција да изјават дека не се во согласност со кодексот, кој на овој начин треба да важи ретроактивно. Едноставно е невозможно компаниите да ги направат сите барани измени за еден месец – укажува Трајковска.
Според неа, за да не се наруши угледот на компаниите, кои се значајни во македонската економија и кои долги години граделе имиџ и создавале препознатливост, неопходна е измена со која ќе се одложи примената.
– Во одлуката за измени и дополнување на правилата за котизација на Берзата, одборот на директори на Македонска берза треба да направи промена во еден член, со кој ќе се утврди дека овој кодекс ќе се применува една година подоцна. Тоа е едноставно решение, кое кај нив не налага дополнително големи обврски, дополнително што тоа нема да предизвика повлекување на кодексот, туку само одложување на неговата примената за една година. Очекувањата се дека ќе треба да се слушне гласот на бизнисот, бидејќи, во спротивно, нема да си ги заштитиме компаниите што се меѓу најголемите во домашната економија и кои ја одржуваат економијата стабилна, бидејќи зборуваме за 27 компании сериозни играчи и значајни за домашната економија. Сега овие компании се доведени во ситуација да се изјаснат во изјавата до Берзата дека не се во можност да го применат кодексот, што ги нарушува нивниот имиџ и нивната репутација, која ја граделе со години. Дополнително што не дека компаниите не сакаат или не можат да го применат, туку се доведени во ситуација за неможност да го имплементираат. На овој начин им се нарушува имиџот пред инвеститорите, и тоа не по нивна вина и не поради одбивање. Затоа сметаме дека нашата иницијатива треба сериозно да се разгледа и да се прифати нашето барање за одложување на рокот – потенцира Трајковска.

Од СКСМ посочија дека со иницијативи упатени до Македонска берза бараат одложување на примената на одлуката за измени и дополнувања на правилата за котација на Македонска берза и на кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва и нивната примена да почне пролетта 2023 година, со вградување на соодветната изјава во годишните извештаи за работа за 2022 година.
Од Македонска берза укажуваат дека уште при носењето на кодексот била организирана детална јавна расправа, на која компаниите не го отвориле прашањето за динамиката на имплементација. Оттаму нагласуваат дека иницијативата од Стопанската комора е примена и дека ќе одговорат на неа.
– Уште еднаш повторуваме, при донесувањето на новиот кодекс за корпоративно управување е организирана детална јавна расправа со котираните компании и голем дел од нивните забелешки беше инкорпориран во финалниот текст на овој стратегиски документ. Ниту една компанија пред Берзата тогаш не го отвори прашањето на динамиката на неговата имплементација. Зошто сега се отвора ова прашање е нешто што Берзата не може да коментира. Кодексот е заеднички проект на Берзата и Комисијата за хартии од вредност, поддржан од Европската банка за обнова и развој, преку која беа ангажирани врвни експерти од Велика Британија.

Кодексот е приспособен на спецификите на македонскиот пазар и генерално е помалку строг во одредени решенија во однос на други кодекси во регионот и пошироко. Кодексот треба дополнително да ја зацврсти водечката позиција на Македонска берза во регионот на WB6. Кодексот спаѓа во т.н. мека регулатива и се применува според принципот „примени или објасни зошто не си применил“. Иницијалната примена на кодексот, односно вградувањето изјава за усогласеност со кодексот во Годишниот извештај за работа на следното редовно годишно собрание во пролетта 2022 година не е ништо повеќе од скенирање на моменталните состојби во друштвата во однос на областите опфатени во кодексот (права на акционери и односи со акционери, надзорен одбор, управен одбор, судир на интереси, ризик и контрола, засегнати лица, транспарентност и објавување). Применета е иста практика како и на многу други пазари кога се воведувани кодексите и/или кога се менувале истите тие. Применувањето на ваков кодекс е регулирана материја и во Законот за трговски друштва. Кодексот, во согласност со измените на правилата за котација, треба да го применат 27 од 96 котирани компании. На иницијативата од Комората се потпишани 19 компании. Берзата ја има добиено оваа нова иницијатива и ќе одговори на неа – наведуваат од Македонска берза.