Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со закројување на лозјето на плантажите во винарницата „Стоби“ по 12-ти пат беше одбележан празникот Свети Трифун. Традиционалното закројување на лозјето годинава се одржа во присуство на сопственикот на винарницата Минчо Јорданов со блиското семејство и со раководниот тим, со почитувањето на мерките за превенција на ковид-19, како што налагаат условите.

– И покрај снежните наноси кои паднаа во нашата земја и оваа година ја одржуваме традицијата на закројување и осветување на лозјата. Ова е 12-та година по ред откако е оформена винарницата „Стоби“. Се надеваме на бериќетна година благодарение на снежните наноси кои ќе обезбедат доволно влага во почвата – кажа Никола Деребанов, генерален директор на холдинг компанијата „Перминдекс“, за винарница „Стоби“, млекара Галичник, Црвени Брегови и Вардар.

 

Вообичаената прослава на празникот Свети Трифун, за жал, не може да се организира како што беше случај во изминатите години, но „Стоби“ затоа ја носи забавата и прославата за денот на виното директно во вашите домови, со шоуто со музика и комедија кое вечерва од 19 часот ќе се емитува преку лајв-стрим на Фејсбук. Во рамките на онлајн-настанот ќе учествуваат Дац и Александар, Тамара Тодевска и Атанас Атанасовски. Сите заинтересирани можат да се приклучат на стримот преку следниот линк.

Во изминататите 12 години винарницата „Стоби“ зеде учество на бројни саеми на виното, така што освои награди и признанија на европски и светски натпревари како „Декантер“ и „Мундус вини“ во Германија и „Вино Љубљана“ во Словенија.