Штедилницата, која до нејзиното пропаѓање важеше за една од најдобрите, не била воопшто регистрирана како правен субјект во Централниот регистар. До вакво сознание дошол стечајниот управник кога сакал објектите, становите и куќите, кои штедилницата ги добила по завршувањето на судските постапки, да ги впише во катастарот

Пред 24 години, март 1997 година, престана да работи штедилницата и менувачница ТАТ од Битола, по барање на тогашниот гувернер нa Народната банка, Борко Станоевски, по предлог на ревизорот Газменд Кадриу. Одлуката на НБ ги вознемири штедачите, кои никако не можеа да се соземат од одлуката ТАТ да оди во стечај. Нивниот очај и гнев станаа уште поголеми на првото судско рочиште во Основниот суд во Битола на стечајниот судски совет и стечајниот управник Никола Јанковски, кога на „татовци“ им беше соопштено дека стечајот ќе трае најмалку 10 години.
Оттогаш изминаа цели 24 години, а стечајот во ТАТ, кој за (не)надлежните институции и власти е формално правно „затворен“, сѐ уште трае. Кога истиот тој и формално ќе заврши, сега никој не знае и не сака да прогнозира.
Таква прогноза не сака да даде ни четвртиот стечаен управник Коле Волчевски, кој го води стечајот. Денес, 24 години по ставањето во стечај на штедилницата, епилогот е следниот. Од над 12.000 штедачи, кои имаа над 120 милиони марки во ТАТ, некои се обесштетени целосно, а неколку илајди со Законот за обештетување со сертификати, во просек по 45 проценти. Како необесштетени се водат 6.000 штедачи, кои сѐ уште ги побаруваат своите штедни влогови.
Најголемото обесштетување се случи со донесувањето на Законот за обесштетување по пат на конвертибилните сертификати, кој се донесе во времето кога премиер беше Љубчо Георгиевски и „заемот“ на Владата што поранешниот премиер Бранко Црвенковски им го даде на штедачите во висина од 16,5 милиони марки.
Незадоволни од нерешавањето на случајот, за кој сите недвосмислено сметаат дека е најголемиот организиран криминал што се случи(л) во Македонија, некои од необесштетените штедачи одлучија да ја тужат државата. Но „татовци“ го загубија процесот во Стразбур, поради непочитување на роковите нивната тужба беше отфрлена.

Неодамна и кабинетот на премиерот Зоран Заев се откажа(л) од решавањето на ТАТ, бидејќи наводно стечајот во ТАТ бил завршен и затоа што ТАТ како штедилница не била регистрирана во Централниот регистар. Тоа што најмногу ги боли штедачите на ТАТ од загубените пари е што и по 24 години од скандалот со ТАТ и банкротирањето на дотогаш најдобрата и најсигурна финансиска институција во државата, сѐ уште не се најдоа виновниците што ги ограбија штедачите.
– Тоа што е најтрагично и по 24 години не се дозна кои беа видните политичари, судии, адвокати, владици, министри, пратеници, стечајни управници, роднини, пријатели, инспектори, началници… па ни министерот во тренерки, кои се наоѓаа во тетратките на сопственичката Соња Николовска и добиваа привилегирани камати и фиктивни заеми што подоцна ги вложуваа во штедилницата како свои штедни влогови за кои добиваа високи камати.
Иронијата да биде поголема, неодамна во јавноста излезе информација дека штедилницата и менувачница ТАТ Битола, била дива штедилница уште од самиот почеток на нејзиното формирање – вели актуелниот стечаен управник на ТАТ, Коле Волчевски.
Според него, штедилницата, која до нејзиното пропаѓање важеше за една од најдобрите во државата, не била воопшто регистрирана како правен субјект во Централниот регистар. До ваквото сознание дошол стечајниот управник Волчевски, кога сакал објектите, становите и куќите, кои штедилницата ги добила по завршувањето на судските постапки, да ги впише во катастарот како имот на штедилницата во стечај.

– Тоа што штедилницата ТАТ воопшто не била регистрирана во Централниот регистар како правен субјект, сега ни прави големи проблеми, бидејќи во сите катастари во државата едноставно не сакаат ни да слушнат да ги запишат објектите што сега се во наша сопственост, како имот на ТАТ во стечај, откако во редовна судска постапка сме ги добиле од корисниците на кредити, кои ги обезбедиле со хипотеки – вели Волчевски.
Инаку, според Волчевски, ТАТ во моментот има расчистено вкупно 235 хипотеки, кои се дадени на присилно извршување и наплата кај извршителите. Најголемиот дел од хипотеките се од Битола, но ги има и во Кавадарци, Неготино, Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица… и нивното впаричување оди многу тешко.
И додека штедачите на ТАТ тврдат дека тие 235 хипотеки тежат неколку милиони евра, според стечајниот управник Волчевски, имотот на ТАТ, кој главно се состои од куќи, станови, деловни простории, ниви… изнесува нешто над 70 милиони денари, или околу 1,2 милион евра, што ни од далеку не е доволен за обесштетување на штедачите, кои побаруваат над 24 милиони евра.
Покрај поседувањето 235 хипотеки, штедилницата ТАТ во стечај поседува и 123 илјади хектари плодно земјоделско земјиште, кое е сопственост на 13 должници, кои подигнале заеми од штедилницата. Но досега никој не бил заинтересиран за купување на ова земјоделско земјиште.
И покрај тоа што се навршија 24 години од банкротирањето, во Битола сѐ уште постои група штедачи што и упорно тропаат на сите врати за да се реши овој случај и да си ги добијат своите заштеди.

– Ние се откажавме од судската постапка во Стразбур против државата пред сѐ оти немавме пари да ги плаќаме судските такси. Но од парите ниту сме се откажале, ниту некогаш ќе се откажеме. За Македонија е срам што ниту една власт не се зафати не само да ги обештети штедачите туку и целосно да го расветли овој тежок криминал, кој во 1997 година ја фрли Битола на колена.
Навистина е срамно за една држава како нашата, која има аспирации да стане членка на Европската Унија, да не се зафати целосно да го расветли криминалот во ТАТ и еднаш засекогаш да ѝ се каже на јавноста каде отидоа парите на штедачите и кои луѓе, покрај Соња Николовска, го смислија и реализираа овој невиден грабеж – вели лидерот на необесштетените штедачи на ТАТ, Пецо Гугучевски.