Кредитната рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ – со стабилен изглед.

Од агенцијата посочуваат дека македонската економија продолжила да расте во текот на 2019 година, како и дека реализацијата на економскиот раст ги надминала нивните првични очекувања од три отсто. Како што наведуваат, она што е позитивно е дека економскиот раст е широко базиран, вклучувајќи го и раст на земјоделството, индустријата, градежништвото, во интервал од три до пет отсто. Потрошувачката и извозот исто така бележат раст, додека инвестициите започнале да растат по период од послаба реализација.

Агенцијата очекува растот да остане широко базиран и на производствената и на расходната страна и посочуваат дека е важен моментот дека не се очекува забавување во економиите кај главните трговски партнери на земјава. Македонскиот извоз, наведуваат, ќе остане фокусиран на Европа, главно на Германија.

Според „Стандард и Пурс“, најверојатно ситуацијата со корона вирусот нема директно да влијае на македонската економија, но може да се почуствува посредно преку трговските партнери на земјава, поради проблемите кои ќе се јават во глобалните синџири за набавка.

Агенцијата ги оценува како позитивни напорите на Владата да привлече странски директни инвестиции во зоните, кои континуирано сезголемуваат годиниве. Ова, како што посочуваат, особено е видливо на извозната страна, која од 2015 година наваму расте со стапки од и над 10 отсто.

Во извештајот се посочува и дека агенцијата очекува земјава во следните неколку месеци да ги почне преговорите за членство во Европската Унија.