Фото: Архива

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска соопшти дека на 12 декември, во 12 часот и 12 минути во Скопје, ќе организира протест за заштита на економските и социјалните права на своите членови и на сите работници.

Од Синдикатот велат дека поттикнати од актуелната општествено економска социјална состојба, недостатокот на слух од државните институции за нивните до сега поднесени барања, тие на протестот ќе побараат исполнување на барањата поврзани со минималната плата, законот за неработен ден, општиот колективен договор во јавниот сектор…

-Бараме усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден за неделен одмор. Измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 отсто од просечната плата, односно да се зголеми најмалку на 18.000 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата. Бараме потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор и потпишување на Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството – се наведува во соопштението од ССМ.

Протестот ќе започне пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија во Скопје, а учесниците ќе се движат кон Собранието, каде што ќе бидат упатени барањата на работниците, а потоа ќе продолжи кон седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора на Македонија, каде исто така ќе бидат упатени барањата од протестот.

Синдикатот најавува дека може да повика и на генерален штрајк.

-Во наредниот период, а во зависност од резултатите и брзината на преговорите помеѓу ССМ, Собранието, работодавачите и Владата, ССМ ќе повика на генерален штрајк кој ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, на начин определен од страна на штрајкувачки одбор, стои во соопштението од ССМ – во кое повикуваат сите засегнати граѓани да им се придружат на протестот.