Дивоградбите се кривично дело, а нивното легализирање значи амнестија, реагираа вчера од Градежната комора при Сојузот на стопански комори (ССК).
Оттаму истакнуваат дека нелегалното градење не само што фрла црна дамка врз градежниот сектор во земјава, уште повеќе ја поттикнува сивата економија, која зема силен замав.

– Сѐ што е дивоградба е кривично дело и треба да биде санкционирано со затвор – дециден е претседателот на комората, Ивица Јаќимовски, кој укажа на потребата од јавна дебата за надминување на овој проблем.

Тој смета дека не може градоначалниците да не знаат што се гради кај нив и тврди дека ниту една регистрирана градежна компанија не гради бесправно и дека дивоградбите се дела на индивидуалци или евентуално на фирми регистрирани за сосема друга дејност.

– Нема градежна фирма што гради на диво зашто тоа е кривично дело. Сѐ што е бесправно изградено, што е дивоградба, е кривично дело. Со носењето на Законот за легализација се легализира нешто што е бесправно изградено. Државата нуди можност да се легализираат објекти во кои учествувале индивидуи. Всушност, со тоа само се потврдува дека станува збор за дивоградба, а не за градежништво. Не е можно регистрирана градежна компанија да изгради див објект. Во дивоградби не учествува ниту една компанија или инвеститор што е член на нашата комора – рече Јаќимовски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со легализацијата на дивоградбите што ја најавува власта.

Од околу 1.200-1.300 градежни компании во земјава, само 100 до 150, истакна тој, реално придонесуваат за државата, примерно плаќајќи даноци и комуналии. Јаќимовски во овој контекст укажа дека властите мора да ја обезбедат потребната инфраструктура за која инвеститорите плаќаат. Потребно е и побрзо решавање на проблемот со донесените ДУП-ови, кои ги укина Уставниот суд зашто компаниите по оваа основа трпат големи штети.

– Во делот на високоградбата сѐ уште состојбата е неизвесна и не се знае кога ќе се затвори проблемот со укинатите, а веќе донесени детални урбанистички планови што резултира со правна неизвесност на инвеститорите, кои трпат големи финансиски штети – рече Јаќимовски. Е.Р.