Светското стареење неминовно ќе резултира со економска стагнација, бидејќи повозрасните граѓани го зголемуваат финансискиот товар, се зголемува потребата за нивната здравствена заштита и нега, посочуваат експертите, нудејќи решение за оваа ситуација

Поимот „сребрена економија“ во светот се користи за економија чиј двигател се повозрасните луѓе, како активни деловни субјекти или како растечки пазар за пласирање производи и услуги. Факт е дека светското население старее, тренд што ќе продолжи. Но креаторите на политиките и бизнис-лидерите засега имаат направено малку во однос на ова прашање. Според упатените, ова произлегува од погрешната претстава за повозрасните работници и потрошувачи. И покрај неминовното стареење на светската популација, креаторите на политики немаат идеја како да го искористат овој социјален тренд.

Мултинационалната консултантска компанија „Акцентур“ посочува дека токму повозрасните се потенцијал за напредок. Стареењето во светот е забрзано поради тоа што луѓето живеат подолго и имаат помалку деца. Очекувањата се дека во светот бројот на возрасни лица до 2050 година ќе достигне над две милијарди луѓе, надминувајќи и 20 отсто од популацијата. Од сите фактори што ќе ги обликуваат светското општество и глобалната економија во следниве децении, ниту еден не е посигурен и попредвидлив од стареењето на населението.

– Општо познато е дека населението во развиените економии брзо старее. Над 30 отсто од населението во Јапонија е постаро од 60 години. Во Велика Британија повеќебројни се луѓето постари од 60 години, отколку оние на 16 години. Светските лидери мислат дека населението на земјите со економија во развој е имуно на овој тренд и дека нивната многубројна млада популација ќе биде спасоносна за глобалната економија. Американската инвестициска банка Голдман Сакс истакнува дека до 2030 година земјите од БРИК (Бразил, Русија, Индија и Кина) ќе станат најголеми светски економии благодарение на младото население. Сепак, и населението во овие земјите старее. Во 2010 година, луѓето на возраст од над 60 години опфаќаа 12 проценти од кинеската популација и 10 од бразилската. Се очекува до 2050 година тој дел од популацијата да порасне до 31 отсто во Кина и до 29 проценти во Бразил – појаснуваат претставниците на „Акцентур“.

Тие додаваат дека и државите со младо население не можат да се справат со трендот на стареење. Затоа економистите истакнуваат дека лидерите на развиените држави не треба да очекуваат младото население од државите во развој да биде замена за нивната стара работна сила.

– Потребни се значајни инвестиции за да се претворат младите од земјите во развој во работна сила, која ќе биде продуктивна, мобилизирана во корист на идниот економски напредок. Од друга страна, и лидерите на државите во развој ќе мора да најдат начин за одржување на можноста за вработување и продуктивност на своето население што старее – заклучуваат од „Акцентур“.

Експертите посочуваат дека светското стареење неминовно ќе резултира со економска стагнација, бидејќи повозрасните граѓани го зголемуваат финансискиот товар, се зголемува потребата од здравствена заштита и нега на старите лица. Колку повеќе луѓе одат во пензија, толку повеќе ќе растат трошоците за нив, а со намалување на работната сила, се намалуваат и достапните приходи и потрошувачка. Поради ова, претставниците на „Акцентур“ сметаат дека економијата може да напредува со користење на потенцијалот на повозрасните луѓе. Заедничката студија на „Акцентур“ и на „Оксфорд економикс“ покажа дека со зголемување на процентот на повозрасната работна сила, владите и компаниите би можеле да го зголемат економскиот раст и да отворат нови работни места.

Повозрасните лица се потенцијал за напредок, велат експертите
Фото: Дарко Андоновски

Медиумите честопати истакнуваат дека невработеноста кај младата популација, на возраст од 15 до 24 години, е најголема, па дури и во високоразвиени земји.
– Со толкав број млади што бараат работа, многумина веруваат дека задржувањето на повозрасните работници дополнително ќе ја влоши состојбата. Ова резултира со фокусирање на заштита на постојните работни места. Сепак, истражувања во Франција и на Канада докажаа дека зголеменото учество на повозрасната работна сила е во директна корелација со зголеменото учество на помладите луѓе, во ситуација кога економскиот графикон бележи севкупен раст – истакнуваат од „Акцентур“.
Оттаму посочуваат дека владите имаат тенденција да ги фокусираат своите економски политики кон младите луѓе, па се основаат нови фондови, за да им се помогне на младите претприемачи. Но утврдено е дека возраста не е пресуден фактор за успешно претприемаштво, туку степенот на стручна спрема и професионална мрежа на контакти имаат многу поголемо влијание и улога.

– Голем е бројот на луѓе што одлучуваат да започнат некој нов бизнис во подоцнежниот тек на животот. Веродостоен доказ е Обединетото Кралство, каде што во периодот 2001-2005 година, 27 отсто од успешните стартап-компании биле формирани од претприемачи на возраст помеѓу 50 и 65 години. Во спомнатиов период, оваа возрасна група беше застапена со 18 проценти од вкупното население во државата. Интересен е и фактот дека во текот на 2005-2010, претприемачката активност кај Американците на возраст од 45 години и нагоре, забележала раст во услови на рецесија, но и опаднала кај оние на возраст од 18 до 44 години – укажуваат од „Акцентур“.

Оттаму додаваат дека водењето бизнис кај повозрасните личности би било многу позастапено доколку се отстранат бариерите што се однесуваат на нивната старост. На пример, почетниот капитал и финансирањето се клучни во започнувањето на нов бизнис. За жал, голем број повозрасни инвеститори се соочуваат со старосни граници, поставени од страна на банките, кои им нудат кредити со повисоки каматни стапки.
Од друга страна, се истакнува дека повозрасните потрошувачи имаат огромна куповна моќ и се неискористен дел од пазарот. Повеќето компании посветуваат големо внимание на разликата помеѓу 20-годишниците и 40-годишниците, но затоа 50-годишниците и 70-годишниците ги ставаат во иста категорија. Овој скептицизам се рефлектира и во маркетингот, па само во 30 отсто од рекламите се прикажуваат личности постари од 50 години. Во САД, потрошувачите постари од 50 години на годишно ниво трошат околу една милијарда долари повеќе од помладите. Во Обединетото Кралство, 80 отсто од вкупните финансиски средства се во рацете на повозрасните граѓани. Статистиката на земјите-членки на ЕУ процени дека населението постаро од 65 години вреди повеќе од 300 милијарди евра.

– Деловните лидери и креаторите на политики мора да разберат дека сега е вистинското време да се обрне внимание на прашањето за стареењето на населението. За почеток, треба да проценат дали во целост ги искористиле можностите што се јавуваат со стареењето на населението, дали нудат флексибилни работни модели според потребите на постарите работници, дали имаат програми и стимулација за размена на знаење помеѓу генерациите, детални информации за пазарот на потрошувачи постари од 55 години, дали имаат стратегија фокусирана на потребите и афинитетите на постарите потрошувачи? – истакнуваат од „Акцентур“. В.Б.Н. – П.О.


Тешко ја прифаќаат технологијата?

Вообичаена е заблудата дека повозрасните луѓе ретко користат нови технологии и дека не можат да држат чекор со најновиот технолошки развој, ниту се двигатели на нови трендови. Вистина е дека во многу земји има разлика меѓу старите и младите кога станува збор за користење на дигиталната технологија. Во Германија во 2010 година само 31 отсто од луѓето на над 65-годишна возраст користеле интернет. Но ова е последица на недостиг од искуство, а не поради возраста, како и поради неспособност на постарите луѓе за прифаќање нови технологии. Многумина од повозрасната популација сѐ уште беа во работен однос во времето на компјутерската еволуција и појавата на интернет, па беа првите што ја осознаа вредноста на новата технологија.
Упатените укажуваат дека има и производи што ги надминуваат старосните граници и одговараат на сите генерации, и можат да бидат предност за користење од постарите луѓе, како во секојдневието, така и во работа.
 

Продуктивноста расте до заминување во пензија

Компаниите можат да ја одржуваат продуктивноста на постарите работници со приспособување на работното место според нивните потреби. Се смета дека повозрасните се компетентни и полни со знаење, но тешко прифаќаат нови идеи, не сакаат промени и ги привлекува помислата на предвремена пензија. Германско истражување спроведено во фабрика за камиони покажало дека „продуктивноста расте до заминување во пензија“. Авторите заклучиле дека иако опаѓаат физичките способности што доведува до почести ситни грешки, истите тие се надминуваат поради способноста на повозрасните работници да се носат со ситуациите кога нешто ќе тргне наопаку. Истражување во Шведска, пак, покажало дека постројките со голем процент на постари работници имаат поголема продуктивност од оние со повеќе млади работници.