Вкупната надворешно-трговска размена на Србија за периодот јануари-септември 2018 година изнесува 33.525,4 милиони долари, што е зголемување од 18,7 отсто во однос на истиот период од претходната година или во евра 28062,4 милиони евра што е зголемување од 10,5 отсто споредено со истиот период од претходната година.

Според статистичките податоци на српскиот Републички завод за статистика (РЗС) кои беа објавени денеска, покриеноста на увозот со извоз е 76,0 отсто и е помала од покриеноста во истиот период од претходната година, кога изнесуваше 79,6 отсто.

Надворешната трговија е најголема кај земјите со кои Србија има потпишано договори за слободна трговија. Земјите-членки на ЕУ учествуваат со 63,7 отсто од вкупната размена.

Втор најзначаен партнер на Србија се земјите на ЦЕФТА, со кои има суфицит од 1730,3 мил. долари, што е резултат главно на извоз на земјоделски производи (житарици и производи од нив и разни видови пијалаци), железо и челик, нафта и нафтени деривати и друмски возила.

Според податоците на РЗС, поединечно по земји, најголем суфицит во размената Србија има остварено со земјите од регионот: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

Според РЗС, од Србија во Македонија најмногу се извезуваат топло валани ленти во калеми и електрична енергија, а од Македонија се увезуваат најмногу лекови за малопродажба и валани производи, пресвлечени со пластика.

Досегашниот извоз на Србија во Македонија во споредба со периодот до септември минатата година е зголемен за 42,2 милиони евра, додека увозот од Македонија бележи раст од 8,4 милиони евра.

Според РЗС, Србија во периодот до септември 2017 година има извезено стоки во Македонија во вредност од 406,9 милиони евра, а во периодот јануари-септември 2018 извозот изнесувал 449,1 милиони евра.

Увозот на стоки од Македонија во Србија во 2017 година изнесувал 149,3 милиони евра, а во 2018 година досега тој изнесува 157,7 милиони евра.

Индустриското производство во септември во Србија е за 3,5 отсто повисоко од просекот во 2017 година, но во однос на минатата година во септември тоа е намалено за 1,2 отсто.

Реалниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) во третиот квартал од оваа година во однос на истиот период од претходната година изнесува 3,7 отсто, соопштија од Државниот завод за статистика на Република Србија.