Министерот за финансии Драган Тевдовски по повод една година од формирањето на Владата, тврди дека е подобрена состојбата во јавните финансии во Македонија, а тоа го потврдиле и меѓународните финансиски институции и Европската комисија.
– За разлика од порано, граѓаните сега имаат контрола врз трошењето на државните пари, домаќински се троши, а инвеститорите и меѓународните финансиски институции ја вратија довербата во фискалната политика. Преку повеќе мерки се работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните – истакнува Тевдовски.
Според него, по доаѓањето на Владата, граѓаните имаат увид во тоа каде им се трошат парите, преку низа мерки за унапредување на транспарентноста.

Тевдовски нагласува дека една од првите мерки е подготвениот граѓански буџет. Со тоа смета јавните финансии станале достапни и поразбирливи за граѓаните. Покрај тоа вели сега се објавуваат низа извештаи за извршување на буџетот, што порано не било случај. Додава дека јавно достапни се договорите за јавни набавки на институциите. Покрај увидот во тоа каде се трошат државните пари, јавноста сега има и активна улога во носењето на буџетот уште пред тој да влезе во владина процедура.
– За разлика од порано, државните пари сега се вложуваат во вистински работи. Се инвестира во подобрување на животот на граѓаните. Сега парите не се фрлаат на панорамски тркала, на споменици, на фасади, на палми и жални врби. Сега се издвојуваат средства за клучните столбови на општеството – за повисоки плати во армијата, здравството, образованието и детската грижа. Се издвојуваат повеќе средства за приближување до НАТО-стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и највисока сума досега за мерки за вработување – истакна Тевдовски.
Министерот информира дека Владата отплатила голем број од обврските оставени од претходната влада.

– Првпат по подолг период брзорастечкиот јавен долг е ставен под контрола. Првпат по девет години имаме намалување на јавниот долг на годишно ниво. Каматите по кои се позајмуваат средства сега се значително намалени. Повратот на ДДВ се одвива брзо и неселективно, што значително придонесува во подобрување на ликвидноста на фирмите – вели Тевдовски.
Министерот истакнува дека зголемена е и довербата на инвеститорите. Кредитната рејтинг-агенција „Фич“ го подобрила изгледот за рејтинг на Македонија. Довербата на инвеститорите се покажала и преку историски најниската каматна стапка на еврообврзницата и издавањето 30-годишна обврзница.
Тевдовски нагласува дека приоритет на Владата е подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во таа насока е и една од првите мерки, кои Владата ги донела и која се однесува на покачување на минималната плата.

– Зголемувањето на минималната плата доведе до покачување на платите на над 90.000 работници. Најважно, има висок раст на платите во најниско платените сектори. Но, не застануваме тука. Владата најави финансиска поддршка за покачување на платите. Државата ќе го поддржи растот на платите на работниците што имаат просечна нето плата до 18.000 денари. Целта ни е да ја поттикнеме спиралата на плати – истакнува министерот.
Тој додава дека Владата првпат има стратегија за реформи во јавните финансии, подготвена заедно со Европската Унија, која содржи акциски план според кој се работи.