Фото: Игор Бансколиев

Дали реалното зголемување на пензиите последниве три години реално и опипливо го подобри стандардот на пензионерите? Какви се показателите на паралелата направена за растот на трошоците за живот и растот на пензиите? Зошто сѐ почесто има регистрирани случаи пензионерите да работат на „црно“? Како да се подобри социоекономскиот статус на пензионерите, какви мерки се потребни за намалување на „дупката“ во пензискиот фонд, дали секое намалување на бројот на вработените е удар за фондот, на овие теми разговаравме со дел од македонските економски експерти

Како до подобрување на социоекономскиот статус на пензионерите, консолидација и стабилен пензиски фонд

Вкупниот број на пензионери во август изнесувал 325.637, а просечната пензија 15.854 денари, покажуваат податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ). До 14 илјади денари пензија земаат 50,06 отсто – 163.012 пензионери, додека од 14.000 па нагоре 49,94 отсто, односно 162.625 пензионери.

Возраста на пензионирање треба да се разликува од сектор во сектор

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, се согласува дека износот на пензиите во нашата држава сѐ уште е низок и забележува, според негови сондажи, дека голем број пензионери се судираат со сиромаштијата.
– Системот на пензионирање во Македонија се заснова на т.н. генерациска солидарност и се сведува на фактот дека денес некои плаќаат придонес за пензионирање од кој се исплаќаат сегашните пензии. Во иднина, кога сегашните вработени ќе станат пензионери – некои нови работници ќе плаќаат за нив. Ваквиот пензиски систем подразбира дека пензиите мора да го следат растот на платите, затоа што ако пензиите растат повеќе од растот на платите, ќе има проблем за нивна исплата – вели Димитров.
Според него, овде се судираме со уште два големи проблема, а тоа се зголемувањето на животниот век и стареењето на населението предизвикано од нискиот наталитет и иселувањето на младите од државата.
– Затоа и последниве години постојано се зголемува т.н. дупка во пензискиот фонд, што во суштина значи недостиг од средства собрани од придонеси, што се покрива со донации од буџетот на државата. Ако проблемот го гледаме само како „математички“ проблем, тогаш решението е зголемување на стапката на пензискиот придонес и зголемување на возраста за пензионирање. Но проблемот е многу поширок. Зголемувањето на стапката на придонесот може да доведе до зголемување на „вработување на црно“ за да се избегне придонесот, истовремено да влијае демотивирачки на отворањето нови работни места и да се намали бројот на вработени, кој би го неутрализирал зголемувањето на стапката на придонесот – појаснува Димитров.

Тој додава дека возраста на пензионирање е потребно да се разликува за јавниот и приватниот сектор и да биде различна од гранка до гранка.
– Работниците на градилиштата и на тешките физички работи не би требало да работат подолго од 64 години возраст, но работниците во приватниот сектор, кои можат и понатаму да работат и да уплаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување, треба да продолжат до моментот кога тие или работодавецот ќе одлучат да заминат во пензија. Од друга страна, со законски измени треба да им се овозможи на пензионерите што сакаат да можат дополнително да работат, без да им биде загрозена пензијата – смета Димитров.
За тоа дали и колку граѓаните што го полнат буџетот преку даноци, такси и други давачки ќе треба да одвојат за пензионерите, бидејќи пензискиот фонд нема доволно средства, Димитров вели дека е потребна итна реформа, но дека претходно е неопходна широка дебата во општеството.
– За каква било пензиска реформа е потребно да се води широка дебата, земајќи го предвид и стандардот на пензионерите, но исто така и случувањата во економијата, буџетскиот дефицит, случувањата на пазарот на трудот и иднината на земјата – смета претседателот на собранието на ОРМ.

Потребни се интервенции во пензискиот систем

Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека нема простор да се зголемуваат пензиите повеќе од предвиденото законско усогласување, кое е важно да го одржи животниот стандард на пензионерите.
– Лично го изнесувам ставот дека отворено и аргументирано мора да разговараме и за други интервенции кај пензискиот систем, како што е старосната граница за пензионирање – интервенција што не смее да се случи одеднаш, туку со соодветна најава и подготовка за иден период. Меѓутоа, таква интервенција, која е важна не само од перспектива на санацијата на финансиската состојба на фондот туку и затоа што животниот век на населението не е ист каков што бил пред 10-20 години, ќе овозможи стабилна консолидација на пензискиот фонд и со текот на времето ќе ја намали зависноста од централниот буџет, односно од општото оданочување – истакнува Петрески.