Заев на средба со црногорскиот вицепремиер Абазовиќ

Премиерот Зоран Заев, во рамките на активностите на самитот на Западен Балкан, со наслов „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“, кој во организација на лондонски „Економист“ се одржа денеска во Скопје, се сретна со делегација предводена од потпретседателот на владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

На средбата соговорниците ја истакнале одличната соработка меѓу двете земји фокусирани на унапредување на економските односи и зголемена трговија, подобрување на условите за привлекување странски инвестиции, како и споделување искуства за унапредување одделни гранки, земјоделството и туризмот.

Заев и Абазовиќ како особено значајна ги оцениле соработката и поддршката на двете земји во процесот на успешна европска интеграција со продолжување на успешните структурни реформи согласувајќи се дека продолжува соработката и преку размена на посети на високо ниво и регионална соработка меѓу Црна Гора и Македонија.

На денешната средба меѓу делегациите на Македонија и Црна Гора, Заев истакнал дека иднината на земјите од Балканот е во заедничкото пријателство и соработка потенцирајќи дека и регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ отвора многу можности за подобар живот на граѓаните во сите земји во регионот создавајќи услови за зајакнување на економиите и побрз влез во Европската Унија.

Беше оценето дека оваа иницијатива има единствена цел преку олеснување на трговијата, движењето на граѓаните и размената на искуства да се обезбеди ефикасна економска регионална соработка, отворање нови работни места, раст на домашниот бруто-производ и подобрување на стандардот и квалитетот на живот на граѓаните од сите земји во регионот.