Градежните работи започнаа вчера

Подобрувањето на патот од Крива Паланка до Деве Баир ќе го зајакне квалитетот на превозот на стока и луѓе и ќе го поттикне економскиот развој, како и регионалната интеграција

Со средства во износ од 12,5 милиони евра ќе се реконструираат 13 километри пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, дел од патниот Коридор 8. Градежните активности почнаа вчера во рамките на проектот „Побезбедно патување и подобра поврзаност на граѓаните на Северна Македонија“, поддржан од Европската Унија и Програмата за инвестирање. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, директорот на ЈП „Државни патишта“, Зоран Китанов, евроамбасадорот Самуел Жбогар и директорот на канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Анди Аранитаси, извршија увид во реконструкцијата на патот дел од паневропскиот коридор што ги поврзува Бугарија, Македонија и Албанија и е најфреквентна делница во товарниот транспорт.

– Овој пат е значаен не само за регионот туку и за целата држава, преку која ја олеснуваме регионалната трговија и го подобруваме транспортот на стоки и услуги. Реконструкцијата на регионалниот пат е и олеснување на транспортот кон земјите од ЕУ, како и кон оние од Западен Балкан, а соочувајќи се со овој предизвик, имаме посебен акцент на модернизацијата на патните правци што водат кон граничните премини. Овој е еден од патните правци што се значајна алка за извоз на македонските производи. Патниот правец Крива Паланка – Деве Баир е еден од најфреквентните во товарниот сообраќај, а наша стратегиска определба е модернизирање на трасата на Коридорот 8 што ја поврзува оската исток-запад, поради што искажувам благодарност до ЕУ и ЕБОР што овозможуваат финансиска поддршка во реализација на вакви капитални инвестиции – кажа министерот Сугаревски.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар изјави дека како почесен граѓанин на Крива Паланка се радува на почнувањето на овој проект важен за поврзувањето на државите и за зајакнување на економијата.
– Ова е прв проект од Берлинскиот процес што го почнавме, бидејќи ЕУ цврсто верува во моќта на поврзувањето. Поврзувањето на Софија – Скопје – Драч е придобивка за сите, наедно се подобрува безбедноста за граѓаните, се обезбедува побрз и подобар начин на патување, а се зачувува и животната средина. Истовремено, патот ја симболизира добрата релација со Бугарија како членка на ЕУ – порача Жбогар.
Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Македонија, кажа дека подобрувањето на поврзаност и општинската инфраструктура во земјите од Западен Балкан е приоритет за ЕБОР во регионот.

– Ние остануваме силен партнер во поддршката на овие напори. ЕБОР го финансира проектот со заем од 10 милини евра, а ЕУ обезбедува 2,4 милини евра инвестициски грант од програмата за Западен Балкан. Моментално, условите на постојните патишта не се добри и има ограничување од 50 километри на час, а поголем дел од делниците е со остри кривини. Подобрувањето на патот ќе го зајакне квалитетот на превоз на стока и луѓе и ќе го поттикне економскиот развој, како и регионалната интеграција – рече Аранитаси.
Директорот Китанов истакна дека ова е значаен дел за заокружување на целата патна инфраструктура до и од Крива Паланка.

Изведувач на градежните активности е компанијата „Гранит“, а рокот за реализација е 24 месеци. ЕБОР инвестира во Македонија од 1993 година и досега има потпишано 128 проекти, со нето-кумулативен бизнис-обем од над две милијарди евра, од кои 85 отсто се наменети за проекти во одржливиот инфраструктурен сектор.