Фото: Игор Бансколиев

Европската комисија во есенскиот извештај посочи дека македонската економија прави добар напредок со зајакнувањето на домашната и странската побарувачка, но има критики за растечкиот буџетски дефицит, кој го зголемува и јавниот долг на државата. Домашните економисти укажуваат дека намалувањето на јавниот долг е можно и во сегашните услови на здравствено-економска криза ако земените кредити се користат рационално, економично, ефикасно и навистина наменски и отчетно. Многу е важно дали земјата е способна да го врати долгот и дали со новите заеми го поттикнува растот на економијата, што не е случај кај нас, тврдат економистите

Зголемениот јавен долг, поттикнат од пандемијата и потребата од свежи пари за надминување на економските и здравствените предизвици, се најде меѓу забелешките на Европската комисија (ЕК) на последниот извештај за очекувањата за раст на македонската економија. ЕК посочи дека домашната економија ќе се зголеми по рецесијата предизвикана од пандемијата. Сепак, во редовниот извештај за земјите-кандидати за членство во Европската Унија, комисијата посочи дека земјата мора да биде претпазлива на надворешни шокови поради кои растот може да биде забавен.
Иако ЕК во есенскиот извештај посочи дека македонската економија прави добар напредок со зајакнувањето на домашната и странската побарувачка и дека се очекува постепено зацврстување на нагорната линија во текот на 2022 и 2023 година, сепак, потенцира дека закрепнувањето кај јавните финансии ќе се пролонгира. ЕК има критики за растечкиот буџетски дефицит, кој го зголемува и јавниот долг на државата. За нив е нејасен начинот како Владата планира да ја намали буџетската дупка, која достигна 5,6 отсто, а оптималното ниво е 3 проценти од БДП. Но наедно посочуваат дека загрижува и јавниот долг, кој изнесува 64 отсто од БДП.
– Јавниот долг не треба да биде поголем од 60 проценти. Ако долгот е голем, земјата мора да има програма како постепено ќе се намалува. Ја советуваме Владата постепено да се врати кон фискалната консолидација, односно намалување на нивото на долг под 60 проценти. Ако се усвои предлог-буџетот, тоа ќе биде и обврска за нив – посочи Фрек Јанмаат, шеф на економскиот оддел во Делегацијата на ЕУ.
Домашните економисти и познавачи на состојбите укажуваат дека иако намалување на јавниот долг во краток временски период не е можно, сепак, сметаат дека ако има силни намери за негово намалување, тоа може да се постигне во оптимален временски рок.
– Намалувањето на јавниот долг не може да се случи во краток период. Најсилно влијание во тој правец во следниот период може да има фискалната консолидација, која, во основа, значи намалување на буџетскиот дефицит и рационално користење на позајмените средства од страна на државата. Во меѓувреме, конечно државата треба да воспостави правила за задолжување, кои значат секое евентуално ново задолжување да биде во помал процент од процентот на зголемување на бруто-домашниот производ. Со тоа ќе се обезбедуваат средства од новосоздадената вредност во економијата да се враќа дел од претходно земените кредити.

На долг рок, растечкиот јавен долг неминовно ќе предизвика зголемување на некои даночни стапки, кои би требало да обезбедат средства за враќање дел од јавниот долг – посочува професорот Томе Неновски од „Американ колеџ“.
Неновски, кој е и поранешен гувернер на Народната банка, укажува дека доколку продолжи трендот на раст на јавниот долг, тој ќе претставува дополнителен товар за државата.
– Секако дека и натаму растечкиот долг ќе предизвикува нови проблеми во државниот буџет и во височината на девизните резерви на земјата. Голем дел од новособраните приходи во буџетот ќе треба секоја година да се издвојува за купување девизи од страна на државата, што во голем дел ќе падне на товар на економските субјекти во државата, но и ќе има негативни мултипликативни ефекти врз домашната побарувачка, односно потрошувачка. Истовремено, потребата од враќање соодветен дел од јавниот долг ќе влијае и врз одредено загрозување на височината на девизните резерви на земјата – објаснува Неновски.
Тој дополни дека, и покрај пандемијата, но и другите ризици што се јавуваат овој период и кои претставуваат предизвик за економијата, сепак, државата може да влијае на намалување на јавниот долг.
– Намалувањето на јавниот долг е можно и во сегашните услови на здравствено-економска криза ако се применат горенаведените мерки и ако земените кредити се користат рационално, економично, ефикасно и навистина наменски и отчетно – потенцира Неновски.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини објаснува дека последиците од задолженоста врз земјата може да бидат далекосежни, особено ако државата не е во можност да ги враќа средствата.

– Не треба фокусот да се става само на процентуалната задолженост, дали е 60-70 проценти, туку за која држава станува збор. Јапонија има најголем долг, но нема проблем со враќање на кредитите, ниту со добивање нови. Многу е важно дали земјата е способна да го врати долгот и дали со новите заеми го поттикнува растот на економијата, што не е случај кај нас. Во Македонија никој не образложува како ќе се враќа долгот, туку сите излегуваат да кажат дека ќе се градат нови автопатишта, но нема објаснување како ќе се финансира, од каде ќе се најдат пари или како ќе се враќаат ако се заеми. Дополнително што потоа може и да не се изгради ветениот автопат или друга инвестиција и никој да не одговара. Никој не ги обвинува надлежните за пандемијата, тоа е надвор од владините можности, како и секаде во светот, но неопходно е реално да ги образложат фактите – појаснува Хајредини.
Тој дополнува дека и 50 проценти задолженост од БДП е високо ако задолжувањето не придонесува за раст на економијата.
– Се одложуваат проблемите, но многу наскоро ќе мора да се најдат средства за враќање на долговите, а ако тоа е на товар на реалната економија, може да биде сериозна кочница за понатамошен развој – укажува Хајредини.