Со новиот прекроен буџет отпаѓаат планираните инвестиции во железницата, во проекти во образованието, во водоснабдувањето, доизградбата на Коридорот 10, како и други проекти во делот на инфраструктурата

Владата го усвои ребалансот на буџетот во кој се предвидува кратење на 50 милиони евра во капитални проекти, за сметка на зголемување на платите и поддршката на нови вработувања. Со претходниот буџет ставката за капитални инвестиции беше проектирана на 420 милиони евра, а сега таа ќе изнесува 370 милиони евра. Кратењето на буџетот за капитални инвестиции Владата го правда со слабата реализација во оваа сфера што, според економските експерти, е недозволиво, бидејќи токму тие придонесуваат за подобрување на бизнис-климата и генерално за растот на економијата.

Имено, со новиот прекроен буџет отпаѓаат планираните инвестиции во железницата, во проекти во образованието, во водоснабдувањето, доизградбата на Коридорот 10, како и други проекти во делот на инфраструктурата.
Според премиерот Зоран Заев, со ребалансот се насочуваат средствата онаму каде што би биле најефикасни и каде што би можело да се постигнат поголеми економски ефекти.
– Ќе следува распределба на уште повеќе пари кај граѓаните, директно вложување во потребите и потенцијалите на луѓето и силна финансиска поддршка за бизнисот за отворање нови работни места и исплати на повисоки плати во приватниот сектор и севкупно за работниците во нашата земја – порача Заев.
Новата министерка за финанси, Нина Ангеловска, истакна дека со ребалансот се кратат средства од капиталните инвестиции, кои биле со слаба реализација и се финансирани од кредити.

Кратењето на буџетот за капитални инвестиции доаѓа во време кога е регистрирана слаба реализација во оваа сфера, а најновите податоци покажуваат дека за седум месеци годинава се реализирани само 103 милиони евра и тешко е да се очекува дека ќе бидат потрошени предвидените 270 милиони до крајот на годината.
Економските експерти сметаат дека не смее да се крати кај капиталните инвестиции бидејќи тие придонесуваат за подобрување на бизнис-климата и генерално на економијата на државата.
– Капиталните инвестиции се значаен сегмент за развојот на економијата, особено оние предвидени за градба во делот на инфраструктурата, бидејќи го олеснуваат протокот на стоки и поврзаноста во и надвор од границите на Македонија и истите тие е потребно да бидат приоритет во сите идни планирања – смета Даниела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори.
Според неа, средствата што се наменети за активни мерки за вработување и поддршка на земјоделството исто така ќе придонесат за подобрување на условите за работа и инвестирање.

– Поттикот на стопанството со субвенционирање со поставена цел за негов раст е потребно да се искористи, но тоа во никој случај не смее да биде оправдување за паралелно да се реализира уште едно вештачко зголемување на минималната плата со измени во легислативата. Потребно е прво да се види во кој обем ќе биде искористено субвенционираното зголемување на платите, колкав ќе биде интересот за истото тоа и кои ќе бидат ефектите. Дефинитивно најпотребно е намалување или елиминирање на непродуктивните расходи, за да може да се постигне намалување на фискалниот дефицит без намалување на средствата наменети за основните јавни програми, кои се значајни за граѓаните и за стопанството – нагласува Арсовска.
Некои од економските експерти сметаат дека мерката за субвенционирање на придонесите во компаниите каде што газдите ќе ги зголемат платите би имала смисла, но само за вработените со пониски плати и само ако се гарантира дека по нејзиното истекување платите нема да се намалат.
– Мерката би имала смисла само ако таа се однесува на вработените со пониски примања. Инаку, зошто државата да субвенционира ако некој менаџер со плата од неколку илјади евра си ја зголеми платата или ако се однесува на фирми што немаат висока профитабилност. Зошто државата да субвенционира плати на некоја банка, која остварува профити од десетици милиони евра – коментира на Фејсбук, Бранимир Јовановиќ, поранешен советник во Министерството за финансии.
Марјан Николов од Центарот за економски анализи смета дека државата треба да создаде амбиент за економски развој, а не да го пумпа буџетот па потоа да распределува пари.

– Не пумпајте го буџетот за потоа вие да ни делите пари. Нам не ни требаат дедомразовци. Поефикасно е секоја фирма и семејство сами да си одлучат за потрошувачка или штедење на сопствениот расположив доход. Вам ви е оставена наједноставната работа. Направете амбиент – порачува Николов во својот фејсбук-статус.
Тој додава дека државата треба да го засили инспекцискиот надзор врз работодавците што избегнуваат да плаќаат придонеси и даноци, а не да ги наградува.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ порача дека со вака скроен буџет не може да има развој на економијата.
– Зоран Заев и Нина Ангеловска со ребалансот предлагаат популистички буџет, во кој се крати од развојните проекти, како капиталните инвестиции, за да има пари за популистички мерки, кои имаат краткотраен ефект. Планот на Заев е префрлање пари во непродуктивни трошоци за да го минимизира незадоволството од расипништвото и корупцијата на неговиот кабинет – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вкупните приходи со ребалансот на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 228,3 милијарди денари.

Во овие рамки на планирани расходи и приходи дефицитот останува непроменет во однос на планираниот со основниот буџет, односно истиот тој е позициониран со износ од 17,7 милијарди денари, односно 2,5 отсто од БДП.
По усвојувањето во Владата, предлог-ребалансот на буџетот за 2019 година оди во Собранието, каде што треба да помине на комисиска расправа, по што за него ќе се изјаснат пратениците на пленарна седница.