Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кај работодавците постои голем интерес за мерките за субвенционирање на платите, затоа што се свесни дека обезбедувањето работници станува сѐ потешко, што би можело да биде голема пречка за развој на бизнисот, и затоа мораат да ги зголемуваат платите

Поради сѐ поголемиот недостиг од работна сила, повеќето од работодавците велат дека размислуваат или веќе пристапуваат кон користење на субвенциите, кои ги дава државата по различни основи, а кои се наменети за раст на платите кај вработените. Претставниците на бизнис-заедницата посочуваат дека недостигот од работници сѐ повеќе ја наметнува потребата од раст на платите, поради што работодавците што немаат други можности мораат да користат субвенции за да ги зголемат платите, во спротивно ризикуваат да ги изгубат работниците.

– Кај работодавците постои голем интерес за мерките за субвенционирање на платите, затоа што се свесни дека обезбедувањето работници станува сѐ потешко што би можело да биде голема пречка за развој на бизнисот и затоа мораат да ги зголемуваат платите. Со субвенционирањето само им се намалува товарот за зголемените придонеси, кои ги имаат при покачување на платите – истакна Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци.

За потсетување, од овој месец треба да почне новото зголемување на минималната плата, која треба да достигне 14.500 денари, а за чија реализација Владата дава субвенции за работодавците. За да го стимулира растот на платите, Владата исто така одреди мерка за субвенционирање на растот на платите од 600 до 6.000 денари.

– Мерката за субвенционирање на платите се однесува на покачување од минимум 600 до максимум 6.000 денари и државата го покрива придонесот за покачувањето. Значи мерките се комплементарни една на друга, но тоа не значи дека сите ќе ја покачат минималната плата користејќи субвенција. Даваме опција бизнис-секторот, кој не може да го издржи ова покачување, да може да ја искористи мерката за субвенционирање – појаснуваше неодамна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Според податоци од Министерството за труд и социјална политика, досега 90.000 граѓани примале минимална плата од 12.500 денари.
За работодавците мерките за субвенции ќе бидат добредојдени особено што за нив не се чека поврат, туку се намалуваат обврските за придонеси.

– Овие три месеци двете мерки за субвенционирање на придонесите се поклопуваат, па останува на работодавците да одлучат која мерка повеќе им одговара. Иако средствата од едната мерка се исплаќаат со одредено доцнење, сепак, важно е дека истите тие се исплаќаат. Мислам дека новата мерка ќе биде поефикасна бидејќи не се однесува само на работодавците од трудоинтензивните дејности туку за сите фирми. Што е уште поважно средствата не се уплаќаат па потоа да се чека нивно враќање, туку директно во истиот месец се намалуваат обврските за придонеси – појаснува Димитров.

Тој истакнува дека веќе се подготвува нов закон за поддршка на младите луѓе што ќе се вработат во индустријата, поточно во производство, а за ваков тип вработување државата на вработениот директно ќе му исплаќа одреден надомест за да се стимулира вработувањето на младите во индустријата.

– Државата треба да работи на промена на структурата на индустријата, но истовремено да ги поддржува компаниите што имаат проблем со одржувањето на конкурентноста, затоа што нивното пропаѓање ќе донесе нови проблеми: нови невработени, помалку придонеси во фондовите, намалување на растот итн. – додава Димитров.

Растот на минималната плата најчесто се поврзува со работниците во трудоинтензивните дејности, особено кај текстилците или во чевларската индустрија. Но она што загрижува и на кое укажуваат здруженијата на граѓани, е непочитувањето на одредбите и разните форми на манипулации што се применуваат.
– Работниците честопати укажуваат дека иако по закон им се исплаќа минималец на сметка, потоа од нив се бара дел од сумата да му вратат на работодавецот. За жал, повеќето од оштетените не пријавуваат, а тие што ќе се одлучат да пријават одвај го докажуваат тоа – вели претставничка на здружение на текстилни работници.

Досега 90.000 граѓани примале минимална плата од 12.500 денари     Фото: Игор Бансколиев