Фото: Игор Бансколиев

Едно од клучните прашања што се наметнува последниве години е како производството на мед да стане попродуктивен и попрофитабилен сектор. Искусните пчелари укажуваат дека се потребни добра обука и истрајност во чувањето пчели и производството на мед и истакнуваат дека од особено значење е да имаме домашен наместо увозен мед

Климатските промени негативно се одразуваат врз пчелните семејства поради што се намалува нивниот број и станува сѐ потешко да се чуваат. Пчеларите укажуваат дека со соодветна грижа зимата и студот нема да ги уништат пчелите, но истакнуваат дека топлите есенски денови придонесуваат за ширење на штетни паразити што ги уништуваат.
– Студот воопшто не е никаква закана по пчелното семејство доколку подготвено се зазимени. Поголем проблем претставуваат континуираните високи температури во есенскиот и во зимскиот период, како што беше изминатава есен, каде што високите температури придонесоа во септември и октомври значително да се развие еден од најопасните паразити кај медоносните пчели, крлежот – вароа деструктор. Неговото зголемено присуство значително придонесе за изумирање на пчелни семејства. Иако сѐ уште не сме сосема излезени од зимскиот период, во Македонија како и на целиот Балкан се бележат значителни загуби на медоносните пчели – вели Владимир Петроски, од здружението на пчелари „Полошки мед“.
Тој посочува дека климатските промени се еден од најголемите проблеми за опстанокот на медоносните пчели. Топлите есенски и зимски денови, врнежливата пролет и екстремно сушните лета, според Петроски, се причини за глобално изумирање на медоносните пчели.

– Овие проблеми врз кои не можеме директно да влијаеме значително придонесуваат голем број професионални пчелари да го намалат бројот на пчелните семејства, односно со пчеларство да се занимаваат како секундарна дејност. Сега сѐ уште е рано да се прогнозира колкави би биле цените, сѐ уште не може да се прогнозира ниту колкави би биле количествата, а цената е директно поврзана со количеството на произведениот мед. Не може една лоша година значително да влијае врз цената на медот, но ако неколку години во низа се намалува количеството, тогаш сигурно ќе се одрази и на цената – додава Петроски, кој им препорачува на консументите на пчелни производи да купуваат пред сѐ од локалните пчелари и директно да ги поддржат во нивната хумана мисија, бидејќи само така ќе бидат сигурни дека консумираат квалитетен мед.
Дека зимава не може да предизвика големи штети врз пчелните семејства посочува и пчеларот Љупче Станковски од Велес, кој додава дека зимата зад нас била невообичаено топла за ова поднебје.
– Имаше одредени проблеми што се наметнаа со судот, но сме имале и многу постудени периоди и затоа сметам дека оваа зима помина без поголеми штети. Но од друга страна, невообичаеното топло време прави штети. Климатските промени, кои се сѐ поизразени последниве години, прават поголеми штети. Пчелните семејства што се поставени на локации каде што има поизразено сончево зрачење и повеќе топлина, порано почнуваат со одгледување на легло. Доколку дојде до ново заладување, изумираат дел од пчелите, па дури и цели семејства.

Сметам дека е рано да зборуваме за цената на медот за оваа година, бидејќи од суштинско значење се месеците мај и јуни. Минатата година имавме намалено производство на мед поради свежиот бран во мај, што резултира со намалено производство на мед – вели Станковски.
Едно од клучните прашања што се наметнува последниве години е како производството на мед да стане попродуктивен и попрофитабилен сектор. Искусните пчелари укажуваат дека се потребни добра обука и истрајност во чувањето пчели и производството на мед и истакнуваат дека од особено значење е да имаме домашен наместо увозен мед.
– Во пчеларството се вклучуваат млади луѓе, но честопати без соодветна обука, па кај нас имаме еден парадокс, иако имаме доста пчелни семејства, сепак, производството е мало, и имаме голем увоз на мед. Само во 2019 година имавме 400 тони увезен мед, што значи не произведуваме доволно за задоволување на домашните потреби. Би требало да се работи на поголемо производство на мед, за да се оправда и бројната состојба на пчели во земјава. Потребно е да се посвети поголема грижа за овој сегмент, бидејќи државата нема конкретна стратегија за пчеларството, пчеларите треба да се посветат на тоа како да го зголемат производството на мед. Немаме субвенции за произведени количества мед, туку за презимени пчелни семејства. Сѐ додека не се поврзат истите тие со производството на мед, нема да има подобрување – објаснува Станковски.

Тој наедно истакнува дека голем дел од пчеларите неуспешно се справуваат со влошените услови наметнати од климатските промени, што исто така придонесува кон намалување на производството на мед. Според него, фокусот на поддршката за пчеларите треба да се насочи кон сериозни пчелари, кои посветено се грижат за пчелните семејства, и чија прва дејност се пчелите, наспроти луѓе што ги чуваат пчелите како хоби и кои одвојуваат многу малку време за нивно чување и за производство на мед.
– Неопходно е да се зголеми производството на мед и на производи од медот, и притоа да се обезбеди рентабилност во производството. Затоа треба да се форсира и поддржува професионализација, да се поддржуваат професионалните или сериозните пчелари, кои го зголемуваат своето производство, што позитивно влијае и на државата. Кај нас се поддржуваат и хобисти, кои немаат големо производство, и од нив ретко кој прераснува во вистински пчелар. Со поголема поддршка на сериозните пчелари ќе се зголеми количеството на мед, за да може да прераснеме во извозници на мед. Пред неколку години имавме околу две илјади пчелари што беа субвенционирани, денес мислам дека се шест илјади, а и понатаму увезуваме мед – објаснува Станковски.