Воспоставувањето заеднички пазар ќе го направи регионот поконкурентен, ќе значи нови работни места, намалување на трошоците, побрз проток на стоки и луѓе и повеќе инвеститори во Западен Балкан. Ова го истакна претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска, која учествува на седмиот самит „ЕУ и Југоисточна Европа – одржлива обнова на Балканот“, во Белград, во организација на лондонски „Економист“.

Таа кажа дека земјите од Југоисточна Европа, повеќе или помалку, имаат слични предизвици, но најголемиот заеднички предизвик што ги обединува е одржливиот пат кон економски развој, а во таа насока добрососедските односи и политичка стабилност на регионот се дел од клучните услови.
Според неа, од друга страна, довербата на инвеститорите е поткопана, што е уште еден голем предизвик за земјите од регионот.

– Сите се соочуваме со истите предизвици, кои се и дел од барањата на Европската Унија што мора да се регулираат, а тоа се проблемите со владеењето на правото, корупцијата и нетранспарентна и брза промена на легислативата. Справувањето со овие клучни предизвици е услов за подобрување на деловната и инвестициската клима – истакна Арсовска во своето обраќање и додаде дека е неопходно поголемо искористување на расположливите фондови за да се изгради силна економска мрежа како единствен пазар што ќе го зајакне регионот и ќе го приближи до ЕУ. Арсовска го отвори панелот посветен на економијата, заедно со Бојан Марковиќ, претставник на ЕБОР, и со Eрика Теоман Бренер, претставник на Австриската организација за промоција на трговијата. Тие дискутираа за тоа што следува за бизнисот и економијата во регионот, важноста од економска стабилност, можностите на регионот, настапувајќи како единствен пазар и приближување кон ЕУ, како и за зајакнување на довербата на инвеститорите. На сесијата е поентирано дека сега е моментот засилено да се имплементираат структурните економски реформи за поттикнување на инвеститорите и враќање на нивниот интерес за регионот.

Акцент на годинешниот самит е подобрување на економската и регионална соработка, проширување на ЕУ и Западен Балкан, деловната клима, дигитализацијата, енергетската ефикасност и создавањето услови за економски развој на регионот.