Фото: Игор Бансколиев

Упатените во економските политики посочуваат дека државата треба да го насочи фокусoт кон секторите што можат да дадат придонес во економскиот раст, секторите во кои може да се креира додадена вредност за да има поголем прилив и подобрување на животниот стандард

Само со ефикасност во работењето, поголема продуктивност и поголема посветеност на работните места, како и со зголемување на вредноста на продуктите може да очекуваме подобрување на животниот стандард. Македонија од осамостојувањето се бори со ниски стапки на раст на БДП, што се рефлектира и врз животниот стандард на граѓаните, но паралелно и врз услугите што ги обезбеди државата, почнувајќи од административните преку здравствените услуги, па до образованието и инфраструктурата…
Севкупниот живот и подобрувањето на услугите што граѓаните ги очекуваат од институциите ќе се подобрат само со ефикасни мерки исклучиво насочени кон поддршка на бизнис-заедницата и со поголема посветеност на работните места.
– Моментално се наоѓаме во една посебна состојба, сега сме во предизборен период, дополнително ситуацијата се комплицира и од самиот факт што потоа најверојатно ќе има преговори за формирање влада и има голема неизвесност како ќе заврши процесот. Сето тоа го одолжува времето, но доколку би разговарале ако сме во ситуација да имаме сигурна и стабилна влада, ако зборуваме хипотетички, сметам дека Владата треба да донесе сигурни и смели мерки со кои ќе го ослободи владеењето на бизнисот, ќе се ослободат стегите за водење бизнис.

На пример во градежништвото треба да им се објасни на градоначалниците дека треба да се прекине со губењето време со мораториумите и со издавањето документи и разни процедури за градба, треба да им се даде простор на инвеститорите да работат. Државата треба да создаде тим што нема да биде партиски, роднински, пријателски… за побрза реализација на документацијата за спроведување на капиталните инвестиции. Исто така државата мора да најде начин да ги намали трошоците, издатоците на непродуктивни трошења и да ги насочи сите ресурси кон македонската економија, во насока на градење, на инвестирање, на поттикнување на инвестициските циклуси – вели Миле Бошков, од Бизнис-конфедерацијата на Македонија (БКМ).
Тој исто така посочува дека со оглед на состојбaта и сериозноста на ситуацијата со коронавирусот, која не е воопшто лесна и нема да исчезне наскоро, ќе биде потребно да продолжат мерките за поддршка на вработените и на компаниите.

– Очигледно е дека поддршката ќе биде неопходна и во следниот период за зачувување на работните места. Сметам дека е потребно да се прави промена на даночните стапки, во надолна линија, но притоа да се зголеми евиденцијата на наплатата на даноците. Јавна тајна е дека во Македонија од 30 до 40 отсто од економијата е во сивата зона и тоа мора да се прекине, мора да се контролира и да биде во функција на граѓаните. Еве, токму во овој период сите очекувавме поддршка од државата и оние што плаќаат даноци, но и оние што не плаќаат, иако вршат некаква дејност, ама не се регистрирани – истакна Бошков.

Со повеќе работа до подобар стандард

Најсигурен пат до подобар животен стандард и раст на БДП, а оттаму и до подобрување на услугите од државата е ако сите работиме поефикасно и подобро, смета универзитетскиот професор Марјан Петрески.
– Патот до повисок животен стандард на населението е ако сите работиме во насока да создадеме поголема додадена вредност, односно ако генерално повеќе работиме. Сегашната додадена вредност во економијата, или народски кажано колачот, е недоволно голема, и што и да преземаме за нејзина распределба, повторно ќе бидеме незадоволни од животниот стандард. Со оглед на тоа што сме мала економија, робустен начин да се зголеми додадената вредност е ориентација кон извозот, односно она што ние можеме да го произведеме и да му го продадеме на светот.

На тој пат, клучна улога гледам и во промените во перцепциите и сфаќањата на граѓаните, бидејќи ако секој сака и бара да биде вработен во јавната администрација, или да бара начини да работи помалку, а да очекува повеќе средства за живот, тогаш животниот стандард ќе стагнира. Улогата на Владата е да создаде ефикасен амбиент за зголемување на додадената вредност, вклучувајќи и преку ефикасност на услугите што ги нуди јавната администрација – објаснува Петрески.

И домашното е квалитетно

За претседателот на БКМ, Бошков, е важно сите граѓани и стартап-компании, кои имаат идеи за бизнис, да бараат поддршка за промовирање на своите услуги или производи и да ги искористат сите шанси што се нудат, но притоа нагласува дека како граѓани сите треба да сме свесни оти со купување домашни продукти, произведени во Македонија, го правиме живеењето за сите нас во оваа земја подобро.
– Потребна е промоција на производите, но потребни се и квалитет и безбедни продукти, но исто така и зајакнување на свеста дека и домашното е квалитетно.

Ние имаме проблем со самодовербата дека постојат квалитетни услуги и добра во Македонија, секогаш сме со таа клиентска фрустрација дека однадвор сѐ е подобро. Имаме продукти што го задржуваат и квалитетот и обемот, но тоа треба да се истакне – нагласува Бошков.
Упатените во економските политики посочуваат дека државата треба да направи промени во насока на подобрување на квалитетот на услугите што ги обезбедуваат државните институции, за да немаат граѓаните дополнителни плаќања за разни услуги. Исто така фокусот треба да се постави и на секторите што можат да дадат придонес во економскиот раст, секторите во кои може да се креира додадена вредност за да има поголем прилив и подобрување на животниот стандард.