Фото: Игор Бансколиев

Од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека со сегашното ниво на финансирање на образованието сме далеку под просекот на ОЕЦД и од земјите што произведуваат стручни и квалитетни кадри

Бизнис-заедницата предлага да се зголемат средствата што се одвојуваат од буџетот за финансирање на образованието. Претставниците од комората предлагаат да се зголемат средствата за финансирање на образованието од сегашните 3,7 на 5 проценти од бруто-домашниот производ (БДП), што би значело дури 50 проценти повеќе од средствата што досега се издвојувале за оваа намена.
Како што информираа од Стопанската комора на Македонија, сегашното ниво на финансирање на образованието е далеку под просекот на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) и од земјите што произведуваат стручни и квалитетни кадри.

Како пример беа истакнати Словенија и Финска, држави каде што финансиите за образование се многу поголеми, што, според нив, се рефлектира и во поквалитетни кадри. Наташа Јаневска од СКМ посочи дека доколку државата сака да има квалитетно образование, кое ќе испорачува стручни и квалитетни кадри, мора да ги зголеми инвестициите во образованието.

– Со повеќе средства за финансирање на образованието ќе се инвестира повеќе во условите за подобрување на образовниот процес и ќе се зголемат платите на наставниците како најодговорни за создавање образован и стручен кадар што може да повлече економски развој и пораст на државата. Доколку државата сака да има квалитетно образование, кое ќе испорачува стручни и квалитетни кадри, мора да ги зголеми инвестициите во образованието. Со образованието не смее да се експериментира ако сакаме да имаме економски развиена и богата држава – вели таа.

Образложувајќи го барањето за зголемување за 50 проценти на средствата што се издвојуваат сега, Јаневска посочи дека, според статистиката, од 2011 до 2016 година трошоците за образование во државата како процент од БДП се намалиле од 4,6 проценти на 3,7 проценти. Просекот на земјите во ОЕЦД е 5 проценти од БДП. Словенија одвојува 4,3 проценти од БДП, а Финска 5,7 проценти од БДП, или 35 проценти повеќе од одвојувањето што го прави нашата држава во однос на БДП.
Според Јаневска, нашата држава многу малку инвестира во образованието по ученик, при што во основното образование лани изнесувало 995 долари, во средното 1.355, а во високото образование 1.198 долари. Просекот во ОЕЦД изнесува 8.500 долари во основното, 10.100 долари во средното и 15.500 долари по ученик во високото образование.

Јаневска истакна дека врвен приоритет на државата треба да биде привлекување на најдобрите наставници во професијата со оглед дека имаат клучна улога во животот на учениците, што потоа се одразува и на иднината на општеството во целост. За да се постигне тоа, како што рече таа, треба да бидат обезбедени повеќе предуслови за кариерен развој и за работните услови, а не помалку важно е и вреднувањето на нивната работа.

Според податоците од Државниот завод за статистика, лани реалната исплатена нето-плата во основното образование изнесувала 394 долари, во средното 445 долари, а во високото образование 626 долари.
– Споредено со просекот за плати во ОЕЦД, кој изнесува 3.075 долари за наставниците во основно образование, а 3.384 долари во средно образование, нашите наставници земаат 2.681 долар помалку во основното и 2.393 во средното образование – рече Јаневска.

Во однос на тоа зошто се споредуваме со Финска и Словенија, кои имаат многу повисок БДП од нас отколку Албанија, Црна Гора, Србија, од Комората велат дека доколку сакаме да одиме напред, треба да се споредуваме со земји што издвојуваат многу повеќе средства во овој сегмент. Со повеќе средства за финансирање на образованието ќе се одвојуваат повеќе пари по ученик, ќе се инвестира повеќе во условите за подобрување на образовниот процес и ќе се зголемат платите на наставниците како најодговорни за создавање образован и стручен кадар што може да повлече економски развој и пораст на државата.