Фото: Игор Бансколиев

Бизнисмените сметаат дека треба да се зголемат контролите или инспекциите на терен, но притоа истакнуваат дека мора да се регулира и да се контролира кај сите субјекти, и кај непријавените и кај нерегистрираните, а не само кај оние што работат во согласност со законите

Петранка Огнаноска

Може ли зголемената контрола и зголемениот број инспектори од различни инспекциски служби да придонесат за намалување на сивата економија и за нејзино вклучување во регулираните текови? Се проценува дека сивата економија опфаќа дури 37 проценти од вкупните економски текови и претставува сериозен проблем за регистрираните компании, чии цени се повисоки од нелојалната конкуренција, што истовремено ги прави помалку атрактивни.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во своја колумна, објавена на веб-страницата на Комората, истакнува дека ако се подобри функционирањето на инспекциските служби, ќе се намали и бројот на законите. Тој посочува дека функционираат 28 инспекциски служби, со над 1.000 вработени инспектори, и појаснува дека зајакнувањето на дејноста на инспекторите ќе придонесе за создавање поволно деловно опкружување.

– Безрезервна поддршка добија активностите поврзани со парафискалните давачки, царинскиот тарифник и средувањето на корпусот прашања поврзани со престојот на странците за бизнис-потреби. Но разгледувајќи ги сите овие прашања, Управниот одбор констатира дека доколку инспекциските служби професионално ја вршат својата работа, немаше да дојде до поднесување предлози за сите овие законски решенија, а со тоа во преден план го исфрли актуализирањето на прашањето за инспекцискиот надзор. Ова прашање Комората го разгледувала во октомври 2017 година, во функција на создавање поволно деловно опкружување. Од таа расправа ќе презентирам податоци за 2016 година. Во Република Северна Македонија во тој момент инспекциски надзор вршеле 28 инспекциски служби, од кои 14 биле организирани како инспекторати и 14 како организациски единици во други органи на државната управа, при што во инспекциските служби имало вкупно 900 инспектори. Во таа година биле спроведени 201.000 инспекциски надзори. Во Управата за јавни приходи имало 246 инспектори, кои спровеле 7.048 контроли – посочува Азески.
Првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, појаснува дека има повеќе елементи што придонесуваат или што влијаат на зголемување на сивата економија во земјава. Според него, еден од поттикнувачите е и самата законска регулатива, чија примена кај регулираните компании понекогаш е поштетна.

– Доколку некоја компанија не ги испочитува сите законски одредби, може да се случи да пропушти некоја одредба, а притоа казната е многу голема, што понекогаш влијае демотивирачки кај компаниите, кои сметаат дека доколку работат непријавено, не би добиле казна. Токму поради ова треба да се зголеми контролата, или да се зголемат инспекциите на терен, но притоа мора да се регулира и да се контролира кај сите субјекти, и кај непријавените и кај нерегистрираните, не само кај оние што работат во согласност со законите. Апсолутно треба да се зголемува и да се инвестира во зголемување на надзорот, да се зголемат контролите, но исто така треба да се зголемат и ингеренциите. Во согласност со сегашната поставеност на законите, инспекторите не би можеле да влезат во некој објект и да проверат какви дејности се вршат внатре, а кај нерегистрираните фирми, кои не се никаде пријавени, ниту имаат адреса за работење, како ќе влезат инспекторите да контролираат – прашува Бошков.
Наедно, претседателот на БКМ истакнува дека мора да се подобри и системот на пријавување на нерегулираните фирми, да се поттикнат работниците да пријавуваат ако работат во непријавен субјект, но и да се утврдат причините поради кои луѓето прифаќаат да работат непријавени.
– Имаме различни причини поради кои луѓето работат непријавени, некои не се согласуваат со начинот на кој се трошат јавните пари, некои не сметаат дека се дел од ова општество и дека треба да придонесуваат, други сакаат да го изиграат системот, трети имаат социјално осигурување, па не сакаат да плаќаат за придонеси и платата ја земаат на рака. Сето ова придонесува за опстојување на сивата економија. За жал, деловното непочитување во Македонија е многу високо и сето тоа придонесува за раст на сивата зона – дополнува Бошков.

Неодамна и министерот за финансии Фатмир Бесими посочи дека сивата економија, која изнесува околу 37 проценти од бруто-домашниот производ, може да се сузбие само преку мерки што ќе придонесат ризикот од дејствувањето во рамките на сивата зона да биде поголем од приносот од истото тоа. Тој истакна дека ќе се преземаат мерки за поттикнување на субјектите што работат во сивата зона да се воведат во формалната економија.
– Тоа што сакаме да го постигнеме, со економски речник се вика зголемување на опортунитетниот трошок на сивата економија, односно народски тоа значи ризикот од работењето во сива економија да биде поголем од приносот со работењето во сивата зона. Со мерките ќе се намали приносот, бидејќи во формалната економија е поедноставно да се работи. Со зајакнување на контролите ќе се создаде свест дека може многу повеќе да се загуби, отколку да се добие – објасни Бесими.
Претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија укажуваат дека долго време гласно повикуваат и бараат од надлежните институции да преземат итни и решителни мерки за сузбивање на сивата економија. Според нив, со отстранување на нелојалната конкуренција на пазарот од оние што работат нерегистрирано и не дотираат во буџетот, ќе им се помогне на претпријатијата што се во тешка состојба поради корона-кризата.

– Сметаме дека фокусот на Владата треба да биде ставен на борба со сивата економија и со корупцијата, паралелно со мерките за економска поддршка на стопанството. Важно е да се истакне дека справување со сивата економија не е да се врши репресија врз регистрираните фирми и да им се бараат неусогласености за да бидат казнети. Справување со сивата економија е да се најдат и стават во систем оние што нерегистрирано работат и заработуваат милионски профити и затајуваат данок, со што се нелојална конкуренција на пазарот и едновремено го оштетуваат државниот буџет. Најдобриот механизам за ова е доследна имплементација на Законот за забрана на вршење нерегистрирана дејност, по кој до овој момент институциите не постапуваат. Предлагаме да се почне постапка за доброволна регистрација во прва фаза за нерегистрираните субјекти, доколку одбијат да се регистрираат, да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби. Доколку не се превенира оваа нелојална конкуренција на пазарот, особено во време на криза, се ризикува даночна евазија и премин на активностите во сивата зона и на регистрираните претпријатија – појаснуваат од ССК.