Нови декларации за месото ќе бидат изработени во согласност со новиот правилник, кој ќе стапи во сила од први мај годинава, а чие почитување ќе го следат засилени инспекциски контроли

Потрошувачите ќе знаат колку вода има во месото, од каде е месото, дали е свежо или замрзнато, содржината на протеини и на адитиви… Сево ова треба да го има на новите декларации на месото, кои ќе бидат изработени во согласност со новиот Правилник за барањата во однос на квалитетот на мелено месо, подготовки од месо и производи од месо, кој ќе стапи во сила од први мај годинава.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, објасни дека сево ова е направено за да се допрецизираат одредени прашања што се однесуваат на квалитетот на месото, да се обезбеди поголема заштита на правата на потрошувачите, како и да се постигне еднаква поставеност на сите субјекти на пазарот. Како што беше истакнато вчера на конференцијата во Стопанската комора на Македонија, ќе се гарантира правото за информирање на потрошувачите, но и ќе се спречат евентуалните малверзации од аспект на тоа што купуваме и што јадеме.

– Со правилникот е точно утврдено кои категории месо може да се употребуваат за производство на одредени производи. На декларациите, покрај протеините, ќе се наведува и содржината на колаген во протеините од месото, а ако станува збор за замрзнато месо, ќе стои и кога е замрзнато, не само кога е спакувано – вели Атанасов.
Тој додава дека ова практично ќе значи детално информирање на купувачите за тоа каква храна купуваат и консумираат. Задолжително ќе биде декларирањето на потеклото на месото, наведувањето дали производот е од свежо или од замрзнато месо, колку од вкупните протеини се животински, односно колку од животинските се колагени, кои имаат пониска нутритивна вредност.

– Тука се можни економски добивки, преку вметнување повеќе колагени и нивно прикажување како протеини – нагласи Атанасов.

Како што појасни тој, досега на декларацијата не го пишуваше процентот на вода во месото, а токму додавањето вода е класична злоупотреба, се плаќа месо, а се добива вода.

– Многу е важно купувачите да имаат увид во критериумите за означувањето на месото и преработките од месо. Сепак, повторно се останува на нивниот избор, какво месо ќе купат, но унапредување има – истакна претседателката на Организацијата на потрошувачи, Маријана Лончар-Велкова.

Од почетокот на годинава досега не е поднесена ниту една претставка до АХВ за квалитетот на месото.

АХВ најавува засилени инспекциски контроли со кои ќе се утврдува дали се почитуваат новите допрецизирани стандарди во правилникот што треба да ги исполнат операторите со храна.