Сојузот на синдикати на Македонија организира првомајски марш по повод Меѓународниот ден на трудот. Под мотото „Патиштата се различни, целта е една“ маршот ќе почне пред зградата на ССМ и ќе продолжи пред македонското собрание и Владата на Република Македонија.
Синдикалците ќе побараат подобар закон за работни односи, регрес за годишен одмор за сите работници, подобар општ колективен договор за приватниот и за јавниот сектор. Тие ќе кажат и стоп за мобингот и за зголемувањето на старосната граница за пензионирање.

– Се враќаме на традиционалните патишта. Одлуката е донесена едногласно од највисоките органи и тела. Сите ние, претседатели и советници, ја донесовме одлуката на 1 Мај да се маршира и да се кажат работничките барања – истакна претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Синдикалните барања, како што рече, се доставени до Министерството за труд и социјална политика и до Владата на Република Македонија. Од ССМ посочуваат дека треба да се изработи нов закон за работни односи каде што ќе се ревидираат постојните членови и ќе се вметнат нови, а едно од прашањата за кое ќе се преговара ќе бидат договорите на определено време.
Првомајскиот марш се поклопува и со 110-годишнината од синдикалното движење и организирање во Македонија.