Фото: Игор Бансколиев

Во време во кое онлајн-трговијата сериозно се зголемува, поштенските оператори како крајна алатка на тој синџир треба да бидат посилни со квалитетна услуга, сметаат од Сојузот на стопански комори на Македонија

Изгубени поштенски пратки, пречекорување на рокот на достава или оштетена содржина на пратки се само дел од поплаките на граѓаните, кои со години укажуваат на проблемите што ги имаат со доставата на писма и пратки. Токму поради незадоволството на граѓаните и нивните реакции, од коморите укажуваат дека е неопходна либерализација на пазарот на поштенски услуги.

Од Сојузот на Стопански комори на Македонија (ССК) истакнуваат дека само со ефикасни услуги за достава, со учество на поголем број компании на слободниот пазар за обезбедување подобри и поквалитетни услуги за крајните корисници, како и имплементација на нови трендови во брзината и сигурноста на доставата на поштенски пратки, но и напредни софтверски решенија за следење на пратките, може да се подобри услугата за граѓаните. Тие посочуваат дека е крајно време да почне либерализацијата на поштенските услуги од 1 јануари 2020, која се одложува четири години. Потпретседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Александар Милошевски, истакнува дека е потребна имплементација на нови начини за брзина и сигурност на поштенските текови како прв чекор за навремена достава на пратките.

– За клиентите е најбитна навремена и сигурна достава на пратките и кон тоа треба да се стремат поштенските оператори. За таа цел се потребни заштита на конкуренцијата на пазарот, унапредување на интересите на стопанството и корисниците на поштенски услуги. Приватните поштенски оператори ја очекуваат долгонајавуваната либерализација на поштенскиот пазар. Сега само „Македонска пошта“ е надлежна за поштенската услуга за пратки со тежина до 50 грама. Што поголема либерализација и можност за учество на поголем број компании на слободниот пазар дава можност за обезбедување подобри и поквалитетни услуги – вели Милошевски.

Според податоците на Агенцијата за пошти, најголем број рекламации од корисници се адресирани до „Македонска пошта“. Од агенцијата истакнуваат дека тоа е очекувано, со оглед на фактот што „Македонска пошта“ има 94,3 проценти удел на македонскиот поштенски пазар, а 80 отсто од нејзиното работење е засновано на услуги за обични писма, кои се доставуваат во поштенски сандачиња. Статистичкиот извештај за 2018 година, изработен од Агенцијата за пошти, покажува дека има околу 3.000 рекламации поднесени до „Македонска пошта“ од незадоволни граѓани при остварен обем од 35 милиони поштенски пратки, или помалку од еден отсто поднесени рекламации.

– Од поднесените рекламации 10 проценти се за пречекорување на рокот за достава и 90 за оштетена односно намалена содржина на пратката. Ценејќи дека вкупниот број на рекламации во однос на остварениот обем е многу мал, се смета дека граѓаните не се запознаени со своите права. Основниот инструмент што граѓаните и правното лице што испратиле пратка преку „Македонска пошта“ може да го искористат е рекламацијата. Таа се поднесува писмено на кој било од шалтерите, во рок од три месеци откога корисникот ја испратил пратката, а „Македонска пошта“ е должна откако низ внатрешните процедури ќе испита што всушност се случило со конкретната пратка, во одреден рок да му одговори на подносителот – вели директорката на Агенцијата за пошти, Билјана Аврамоска Ѓореска.

Милошевски од ССК, пак, посочува дека во време во кое онлајн-трговијата сериозно се зголемува, поштенските оператори како крајна алатка на тој синџир, треба да бидат посилни со квалитетна услуга.

– Потенцијалот на развој на поштенските услуги во денешното дигитално време се поврзува и со сегментот на е-трговијата во Македонија, која е во постојан пораст. Во согласност со податоците на Народната банка, во текот на 2018 година се реализирани над 5 милиони онлајн-трансакции, наспроти околу 4 милиони онлајн-трансакции во текот на 2017 година, што претставува пораст од 21 процент. Според податоците на Државниот завод за статистика, 406 илјади граѓани купувале онлајн минатата година, а тоа е 31,6 отсто од интернет-корисниците, спрема 19,5 проценти истиот период минатата година, што претставува пораст од 62 отсто. Сето ова отвора поле на работа за операторите на поштенските услуги и можности за развој и напредување на поштенската индустрија – изјави Милошевски.

Забелешките на Европската комисија во делот на поштенската индустрија се барање целосна либерализација на поштенскиот пазар во државата и продолжување на јакнење на административните капацитети на регулаторното тело. Во Македонија, според податоците на Агенцијата за пошти, регистрирани се вкупно 38 даватели на услуги.

Според Законот за поштенски услуги ексклузивно право да дистрибуира писма до 50 грама има „Македонска пошта“ до крајот на 2019 година, иако Македонија се обврза уште во 2007 година, со донесување на Стратегијата за развој на поштенските услуги, да воведе целосна либерализација на поштенскиот пазар.

– Либерализација на пазарот на поштенските услуги треба да настапи од 2020 година, со што ќе овозможи сите даватели на поштенски услуги да работат на пазарот и да обезбедуваат услуги под еднакви права и обврски. Сметаме дека либерализацијата ќе ја раздвижи конкуренцијата и ќе донесе значителни поволности за корисниците – додава директорката на Агенција за пошти.

[email protected]