Фото: Игор Бансколиев

Бизнисите во земјоделството најголем проблем имаат со воведувањето на новите технологии и со последиците од климатските промени, за чие надминување е неопходна поддршка од државата

Недостига долгорочна стратегија за развој на агросекторот во земјата, особено на сточарството и преработувачката индустрија, потоа увозни олеснувања за суровини, развој на професионално фармерство, изградба на системи за наводнување, како и за поддршка на компаниите во инвестирањето. Ова се укажувањата на стопанствениците од земјоделскиот сектор, кои очекуваат подобрување на состојбите за да можат да фатат приклучок со европското земјоделство.

– Бизнисите во земјоделството најголем проблем имаат со воведувањето на новите технологии. Затоа е потребно да им се посвети внимание на технолошките иновации, дотолку повеќе што Европската Унија во овој дел дава и најмногу пари – смета Васко Ристовски од Стопанската комора на Македонија.

Тој објаснува дека, исто така, е важно да се реализираат и барањата на бизнисмените што се однeсуваат на ублажувањето на последиците од климатските промени, а како приоритет ја посочува изградбата на системи за наводнување и одводнување. Но тоа, за жал, не се и единствените проблеми во овој сектор.

– Имаме климатски промени со големи удари на земјоделското производство. Се наметнува потреба за интензивно вложување, пред сѐ во делот на наводнувањето и иригационите системи. Потребни се вложувања и во преработувачките капацитети, како и конкретни мерки за финансирање во земјоделството. Државата мора да ја промени својата стратегија во насока на поддршка и развој на преработувачките капацитети во земјата. Погодени од ниска профитабилност, истите тие тешко пронаоѓаат начини и средства да ги прифатат ИПАРД-програмите, па, оттука, се наметнува потребата од креирање посебни мерки на финансирање, со цел зголемување на продуктивноста во преработувачката индустрија – оцени Минчо Јорданов, сопственик на компанијата „Перминдекс“.

Според претставниците на Комората, неопходно е државата да ја промени својата стратегија во насока на поддршка и развој на преработувачките капацитети во земјата, како и со финансиска поддршка за изградба на ладилници и магацини.
– Потребна е долгорочна стратегија за развој на агросекторот во земјата, нешто што досега не го направи ниту една влада, особено во делот на сточарството, што е основа за развој на преработувачката индустрија. Треба да се постави лимит во делот на фармерството и да се поддржат професионалните фармери. Само на тој начин фармерството од хоби ќе прерасне во бизнис – истакна Веле Ристоски, сопственик на „Единство“.

Директорот на „Евромлекара“ – Скопје, Златко Најдовски, истакна дека преработувачите на млеко ја поздравуваат иницијативата за измена на мерката за набавка на млечни крави и нагласи дека иако истата таа до некаде е задоцнета, сепак ќе го ублажи натамошниот пад на количествата на произведено млеко во секторот.

– Од особено значење е планот на ресорното министерство, почнувајќи од 2020 година, да го спречи падот на количествата на произведеното млеко и да спроведе мерки за подобрување на квалитетот на млекото, кој во моментот е на поразително ниво. Тренд во производството на млеко е континуирано намалување на бројот на малите производители, а со тоа и на количествата на млеко на пазарот. Факт е бавното окрупнување на фармите и ние, преработувачите, тоа го гледаме како ризик во бизнисот. Имаме 4-5 производи што се препознатливи, важно е да го намалиме увозот и да се фокусираме на извозните гранки – истакна Најдовски.

Од Стопанската комора додаваат дека во овој сектор треба да им се посвети внимание на агроекологијата, на органското производство и на развојот на таканаречените „паметни села“.