Предлог-законот за стратегиски инвестиции, усогласен со директивите на Европската Унија, влегува во собраниска процедура со европско знаменце. Целта, според министерот за економија Крешник Бектеши, е да се создадат услови за спроведување стратегиски инвестиции, да се поттикнат економски раст и вработувања, да се применат нови технологии и иновации, да се зголеми конкурентноста, да се намали трговскиот дефицит и, конечно, да се подобрат условите за живот на граѓаните.
– Со законот се отвора можност за голем инвестициски циклус во државата, на државно и на локално ниво, бидејќи стратегискиот инвестициски проект може да користи државна помош во согласност со Законот за контрола на државната помош – кажа министерот за економија Крешник Бектеши, кој очекува пратениците да го изгласаат законот пред распишувањето на изборите.

Министерот појасни дека одлуката кој проект ќе биде стратегиски ќе ја носи комисија составена од девет постојани членови од Владата и од министерствата и три привремени од министерствата во чија надлежност е проектот, од општина и од регулаторно тело.

– Предложените инвестиции ќе ги усвојува Собранието и истите тие ќе мора да бидат усогласени со стандардите за животната средина – дополни Бектеши.
Проектите треба да се од областа на енергетиката, инфраструктурата, транспортот и телекомуникациите, туризмот, преработувачката индустрија, земјоделството, шумарството и водостопанството, прехранбената индустрија, здравството, индустриските и технолошките паркови, управувањето со отпадни води и отпад, информатичко-технолошките зони, спортот, науката и образованието, како и од градењето мултифункционални градежни комплекси.

– Владата до крајот на годината треба да објави повик на кој заинтересирани инвеститори ќе можат да аплицираат со проектите. Постапката за стекнување статус стратегиски инвестициски проект ќе се спроведува на фер, транспарентен и недискриминаторен начин, со активно учество на стручната и поширока јавност, а листата на проекти на кои им е доделен ваков статус ќе се објавува на веб-страницата на Владата – посочи Бектеши.