Фото: Игор Бансколиев

Очекувањата се оти со инвестиции во енергетска ефикасност ќе се намали потрошувачката на енергија, а ќе се креираат и нови работни места, бидејќи во најавеното реновирање на општинските и на државните згради ќе се вклучат локални компании

ПРОЕКТ И СО ЕКОЛОШКИ И СО ЕКОНОМСКИ ПРИДОБИВКИ

Обнова на општинските објекти во енергетски ефикасни е овозможена за сите локални самоуправи преку аплицирање на „Проектот за енергетска ефикасност“, кој се спроведува со поддршка од Светската банка. Со аплицирање за средства за инвестиции во енергетска ефикасност, со фонд од 10,5 милиони евра, во согласност со очекувањата на Министерството за финансии, ќе се инјектираат средства во проекти што имаат додадена вредност и кои ќе имаат големо значење за заздравување на економијата. Очекувањата се оти со инвестиции во енергетска ефикасност ќе се намали потрошувачката на енергија, а ќе се креираат и нови работни места, бидејќи во реновирањето ќе се вклучат локални компании. Вкупната вредност на „Проектот за енергетска ефикасност“ е 25 милиони евра, при што дел од овие средства е наменет за енергетски ефикасни инвестиции во објекти на централната власт, во здравствениот сектор, како и за воспоставување на фондот за енергетска ефикасност. Средства во висина од 10,5 милиони евра се наменети за сите единици на локалната самоуправа во Македонија, а главна цел е намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и подобрување на квалитетот на јавните објекти и на јавното осветлување.
Универзитетскиот професор Константин Димитров истакнува дека инвестирањето во подобра енергетска ефикасност на објектите од јавен карактер е неопходен процес поради обврските што државата ги има преземено кон Енергетската заедница. Истовремено, тој укажува дека со подобрувањето на енергетската ефикасност, покрај намалените трошоци за греење на објектот, ќе се влијае позитивно и врз животната средина.

– Иако има законска обврска во државава, но и обврска кон Енергетската заедница спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност на јавните објекти, на терен, сѐ уште не се реализираат доволно активности. Во Министерството за финансии беа предвидени околу 20 милиони евра за таа намена, но истите тие не се реализирани, можеби се пренаменети, но доколку се вложуваат во енергетска ефикасност на објектите што се под надлежност на државата, би се направиле значителни инвестиции во општините и воопшто во државата. Придобивките се повеќе од јасни, би се намалиле трошоците за загревање на објектите, но истовремено би се намалиле и емисиите на штетни гасови, поради помалата потрошувачка на енергија. Тоа е обврска на државата, но, за жал, на терен не се реализираат вакви проекти. Дополнително, општините може на својата територија да создадат услови објектите наменети за колективно домување да ја подобрат енергетската ефикасност – вели професорот Димитров.
Од Министерството за економија посочуваат дека во нацртот на Националниот план за енергија и клима како едни од клучните мерки за енергетска ефикасност е и реконструкција на зградите на централно и локално ниво, со што ќе се подобри енергетската ефикасност, ќе се намали потрошувачката на енергија, а со тоа ќе се намалат и трошоците за енергија.

– Имајќи ја предвид состојбата во однос на енергетските карактеристики на јавните згради на централно ниво и улогата на јавните институции, неопходно е да се поттикне реновирањето. Во Националниот план за енергија и клима се зема предвид површината што се загрева во овие згради, со примена на мерки за енергетска ефикасност до 2030 година би се постигнеле заштеди на финална енергија од 4,7 килотони нафтени еквиваленти. Постои недостиг од прецизни информации за бројот, енергетските карактеристики и површината на јавните згради што се загреваат и од тие причини со финансиска поддршка од ИПА 2-фондовите на ЕУ е побарана помош за формирање инвентар на згради што ќе содржи детални информации за зградите на централно и локално ниво од аспект на нивната состојба и енергетски карактеристики, со што главната замисла е да се детектираат оние згради во најлоша состојба и да им се даде приоритет за реконструкција. Дополнително, имплементацијата на овие мерки за подобрување на енергетската ефикасност предвидува да се отворат и нови работни места – посочуваат од Министерството за економија.
Од Министерството дополнуваат дека во 2019 година започнал проект со кој се подобрува енергетската ефикасност на осветлувањето низ општините.
– Преку овој проект сe опфатени Валандово, Македонска Каменица, Радовиш, Василево, Чешиново – Облешево, Могила и Гевгелија. Вкупната вредност на инвестициите за улично осветлување изнесува 6,5 милиони евра, а според студиите на оправданост, повратот на инвестицијата е осум години. Животниот век на светилките што се вградени е од 23 до 25 години. Договорите се специфични и за првпат се реализираат во нашата држава. Имено, општините преку сметките за потрошена електрична енергија ја отплаќаат инвестицијата, а трошокот за инвестицијата при потпишувањето на договорот е на товар на инвеститорот, односно приватниот партнер. Во рамките на овој проект во тек е подготовка на тендерска документација и за општините Градско, Илинден и Маврово Ростуше – дополнуваат од Министерството.
Со проектот со Светската банка, општините ќе аплицираат со предлози за финансирање проекти за реновирање јавни згради и јавно осветлување.

Финансирањето ќе биде обезбедено со 80 отсто долгорочно домашно задолжување и со 20 проценти неповратен грант. Задолжувањето на општините ќе биде со склучување договор за подзаем меѓу општината и Министерството за финансии.
– Подзаемите ќе бидат со рок на отплата од 7 до 12 години, со грејс-период до три години и каматна стапка еднаква на каматата што ја плаќа Република Северна Македонија во согласност со Договорот за заем. Енергетски ефикасниот проект треба да обезбеди минимум технички перформанси на реновираните згради и да вклучува минимална заштеда на енергија од 20 проценти. Во рамките на овој проект ќе бидат опфатени приближно 100 општински згради, а по основањето на фондот за енергетска ефикасност, кој треба да биде револвинг, инвестираните средства за енергетска ефикасност во овие згради ќе создадат можност за нов инвестициски циклус – објаснуваат од Министерството за економија.