Експертите од Македонија за првпат по европски терк ќе работат на подобрување на квалитетот и безбедноста на храната преку подигнување на нивото на метеролошките услуги. Тие преку македонската истражувачка единица Метрофуд МК, како дел од METROFOOD-RI, европска истражувачка инфраструктура за промовирање на метрологијата во храната и исхраната, заеднички ќе истражуваат како да се дојде до поздрава храна од нивите до трпезата. Во неа се вклучни стручни кадри од лабораториите од Институт за јавно здравје на РСМ и Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. Проектот се состои од повеќе фази, а сега во тек е Метрофуд – ПП, подготвителна фаза, што е финансирана преку грант (871083) од програмата Хорозонт 2020 на Европска Унија. Подготвителната фаза ќе се спроведува до мај 2022 година и има за цел да ја организира инфраструктурата за самостојна работа со добивање на легален статус на европски истражувачки конзорциум (ЕРИК).

Институтот и факултетот со својата современа опрема и стручен кадар ќе може да одговори на барањата на корисници од образованието, индустријата, контролните  лаборатории и потрошувачите.

– Инфраструктурата ќе овозможи развој, производство, карактеризација и сертификација на нови референтни материјали, додека со експериментални полиња во кои ќе бидат вклучени фарми, фабрики и лаборатории ќе се подржат активностите за обезбедување на квалитетот, безбедноста, автентичноста и следливоста, како и карактеризација на сирови материјали и прехранбени производи – велат од Метрофуд МК.

Од Метрофуд МК додаваат дека преку овие истражувања во индустријата ќе може да се дојде до поевтино производство на растителни и животински сирови материјали потребни за производство на нови прехрамбени производи.

– Домашните производители на храна ќе можат да го проверат потеклото и квалитетот на производот во лабораториите со современи методи и опрема, а со развој на нови методи за анализи на храна ќе се редуцираат и трошоците за мониторинг. Задоволни ќе бидат и потрошувачите кои ќе имаат информации за храната во целиот циклус, од нива до трпеза, а ќе се знае и нивното географско потекло, како и автентичност –  потенцираат од Метрофуд МК.

За истражувачките активности, освен што ќе се понуди напредна опрема, ќе се овозможи и интеграција и размена на искуства со научни водечки институции во Европа.