Со државна гарантна шема полесно до финансии за компаниите

Државна гарантна шема, даночен календар, електронска фактура, намалување на парафискалните давачки се дел од барањата и темите на кои дискутираа министерот за финансии Фатмир Бесими и претставниците на бизнис-заедницата за време на вчерашната средба во Стопанската комора на Македонија. Министерот вети дека ќе ги разгледа барањата на компаниите во следниот период и посочи дека преку државната гарантна шема значително ќе се подобри пристапот до капитал, така што државата со 10 милиони евра гаранција на фирмите ќе им го олесни подигнувањето кредити од комерцијалните банки. И барањето на бизнис-заедницата трошоците за тестирање за кови-19 за вработените во компаниите да се третира како признаен расход за цели на данокот на добивка ќе биде разгледано, вети Бесими.
– Досега третман на признаен расход имаат само трошоците за набавка на средства за дезинфекција, маски за заштита невработените, заштитни визири, пластични паравани, посебни налепници. Со ваквиот даночен третман компаниите покрај тоа што се изложени на зголемени трошоци за тестирање имаат и неоправдани дополнителни трошоци за зголемени обврски за данок на добивка и трошоци за данок да личен доход. Бараме трошокот за тестирање за ковид-19 да се смета за признаен расход за целите на данок на добивка и за него да не се плаќа данок на личен доход – рече Зоран Јовановски, советник за економски прашања во управниот одбор на Стопанската комора.

Министерот рече дека ова барање има логика и дека во Министерството за финансии ќе работат овој трошок да се признае.
Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, посочи дека државата треба да размисли и да ги ослободи фирмите од даночни давачки за платеното дополнително здравствено осигурување.
– Во моментов ние имаме одлив на квалитетни кадри од Македонија и сметам дека секоја мерка што компаниите ја прават да ги задржат треба да биде причина за нивна поддршка и од страна на државата. Ние им плативме дополнително здравствено осигурување на вработените, но за тоа плаќаме дополнително и персонален данок и данок на добивка односно 20 проценти плус дополнителни трошоци. Двапати плаќаме, а идејата е да ги мотивираме да останат и да работат овде – рече Мукаетов.
На ова, министерот Бесими посочи дека ова барање не би требало да има значајни финансиски импликации врз буџетот и дека првичен став е фирмите да бидат ослободени од двојното даночно плаќање.

Бизнисмените имаа посебно барање и во областа на енергетиката, поточно побараа укинување на царината за природниот гас и уредбата за акцизите донесена во време на ковид-кризата.
– Мора да се укине царината за природниот гас воведена во 1997 година. Нема потреба да егзистира затоа што немаме производител на природен гас, а го оптоваруваме стопанството со таа давачка. Не се работи за голем износ – кажа Андреја Јосифовски од „Макпетрол“.
Ова е прва средба во Стопанската комора по повторното именување на Бесими за министер за финансии, при што начелно тој ги прифати предлозите на стопанствениците, а за дел од нив рече дека мора да се видат фискалните импликации. Тој најави дека компаниите може да очекуваат признавање на трошоците за тестови за ковид-19 од даночен аспект, а позитивен е ставот и за барањето укинување на двојното оданочување за здравственото осигурување.
Министерот најави дека државата ќе биде гарант на фирмите за полесно да можат да земат кредит во комерцијалните банки, а државната гарантна шема ќе профункционира пред истекот на годината.
Министерството за финансии со 10 милиони евра ќе гарантира неколкукратно повисоки суми на кредити за малите и за средни претпријатија. Гарантната шема ќе оди преку Развојната банка, додека средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки.

– Веќе е разговарано со Развојната банка. Во Министерството работиме на законски измени за да може ова да се реализира. Во Владата се размислува околу 10 милиони евра да се стават во Банката за развој, а таа потоа ќе ја развие гарантната шема, додека средствата ќе се пласираат преку комерцијалните банки. Со оваа мерка ќе се подобри ликвидноста на компаниите, ќе се олесни можноста за реализација на тековните активности, но и ќе се поттикне инвестициска активност, што е суштинска за раздвижување и ревитализација на економијата – информира Бесими.

На средбата било дискутирано и за даночната регулатива, при што бизнис-заедницата побара поголема предвидливост преку воведување на даночен календар, со што подолг период однапред ќе се знаат измените кои би ги правела државата во даночната регулатива. Министерот за финансии посочи дека ова е прифатливо барање и дека една од заложбите во четиригодишниот мандат ќе биде поголема даночна предвидливост. Но исто така рече, дека во услови на криза понекогаш се потребни брзи акции, кои, се разбира, би биле во интерес на стопанствениците. Наедно тој најави во поглед на парафискалните давачки дека следните четири години истите ќе се скратат за 75 проценти. ­