Поранешни гувернери посочуваат дека во светот, особено во развиените земји, веќе има соработка меѓу банките и компаниите, каде што банките и сами подготвуваат и предлагаат бизнис-идеи, бизнис-модели што се подготвени да ги поддржат финансиски

Податоците што ги објавува Народната банка покажуваат дека банкарскиот сектор успешно се справува со ковид-кризата, која не само што не му наштети туку, на одреден начин, и му овозможи да оствари подобри резултати. Информациите за акумулирањето значителни финансиски средства во банките ги поттикнаа дилемите за тоа дали сега е моментот, следејќи ги примерите на голем број земји низ светот, токму банките да станат иницијатори на економскиот раст, со тоа што од нив ќе произлегуваат идеи и поддршка за развој на бизнисите, или многу прерано и преамбициозно е, во сегашниот амбиент, од нив да се очекува тоа.

Компаниите сѐ уште имаат доверба во банкарскиот сектор

Поранешните гувернери посочуваат дека низ светот, особено во развиените земји, веќе има соработка меѓу банките и компаниите, каде што банките и самите подготвуваат и предлагаат бизнис-идеи, бизнис-модели што се подготвени да ги поддржат финансиски.
– Сега сме повеќе во фазата кога банките се борат меѓусебно за да дојдат до добар коминтент, добра компанија, нешто што кажав пред неколку години дека ќе се случи и, еве, сега се случува и кај нас. Банките во Македонија сѐ уште не се во фаза кога сами можат да предлагаат бизнис-проекти, но ќе дојде и до тоа. Ова е веќе практика во развиените земји, па ќе се пренесе и кај нас. Но, засега, сметам дека сѐ уште не сме дојдени до фазата кога самите банки ќе им предлагаат на компаниите бизнис-идеи, или идеи за развој на една компанија – вели поранешниот гувернер Љубе Трпески.
Трпески посочува дека, и покрај многубројните кризи во земјава, па и пандемијата, компаниите сѐ уште имаат доверба во банкарскиот сектор.
– Предноста во нашата земја е што компаниите имаат доверба во банкарскиот сектор, што е позитивно и што би довело до поголема соработка меѓу банките и компаниите. Затоа сметам дека фазата во која банките ќе им предлагаат на компаниите како да се развиваат во иднина, или пак ќе креираат бизнис-планови за нови инвестиции, е пред нас – додава Трпески.

Ги проценуваат, но не ги креираат бизнис-плановите

Поранешниот министер за финансии и поранешен гувернер Петар Гошев објаснува дека низ светот банките веќе учествуваат во формирањето на бизнис-проектите, за што, како што укажува Гошев, тие имаат повеќе служби токму со цел да им помогнат на компаниите со свои предлози.
– Кај нас, поставеноста на банкарскиот систем е различна, банките вршат проценка на бизнис-плановите, за да утврдат дали се издржани тие планови и дали повратот за заемот ќе биде сигурен. За да можат да учествуваат банките со свои идеи и конкретни предлози во развојот на економијата, потребно е системот да функционира, а тој дава резултати само ако функционира цел систем. Не може само одредени сегменти, острови да бидат изолирани позитивни примери. За да може банкарскиот сектор да ја врши работата и за да работи економијата, потребно е да се исполнат сите предуслови за развој на бизнисот, од законодавството, преку обезбедување ферплеј во бизнисот, заштита на сопственоста… Не може банките сами да ги вршат работите, ако судството одлучува селективно, ако тендерите се спроведуваат селективно, ако корупцијата е централно прашање што провејува насекаде, ако луѓето не чувствуваат дека системот е правичен, тогаш бегаат – објаснува Гошев.
Поранешниот министер и гувернер посочува дека на банките им требаат и добро едуцирани работници за да можат поактивно да се вклучат во креирање проекти, односно во оформување бизнис-планови.
– Истовремено е потребен компатибилно едуциран кадар и во компаниите што ќе ги препознаат предлозите на банките, ќе знаат за што и каде ќе се инвестираат средствата и што ќе се постигне со тоа што се прави. Во поразивените земји банките се повклучени во формирањето на бизнис-проектите, но сето ова е поврзано со развиеноста на земјата и со нивото на едукацијата на работоспособното население – додава Гошев.

Комерцијалното банкарство е еден од ретките сектори што
не беа погодени од ковид-кризата

Инаку, според последната објава на Народната банка, комерцијалното банкарство е еден од ретките сектори што не беа погодени од ковид-кризата.
– Во првиот квартал од 2021 година, банкарскиот систем оствари добивка од работењето во износ од 1.980 милиони денари, која во споредба со истиот период од претходната година е поголема за 836 милиони денари. Подобриот финансиски резултат најмногу произлегува од намалувањето на трошоците за исправка на вредноста, кои забележаа пад за 608 милиони денари, или за 39,5 отсто, во однос на првиот квартал од 2020 година. Придонес во растот на добивката имаа и нето-приходите од провизии (со раст од 12,2 проценти или за 145 милиони денари, главно поради зголемениот обем на платежни услуги), другите редовни приходи (со раст од 19,8 отсто или за 121 милиони денари), како и помалите оперативни трошоци (пад за 0,4 проценти или за 12 милиони денари). Нето-каматниот приход се намали за 1,4 процент, или за 52 милиони денари. Анализирано по банка, сите банки остварија позитивен финансиски резултат од работењето – се наведува во последниот квартален извештај за ризиците во банкарскиот систем во првиот квартал од 2021 година на НБРСМ.