Преку промоција на бањски, алтернативен и вински туризам земјава ќе се обиде да привлече што повеќе странски гости во наредниот период. Се планира изградба на две до три велосипедски патеки со сите стандарди, отворање на пештера за туристи и воспоставување нови вински патишта во гевгелиско-валандовскиот, велешкиот, штипско-радовишкиот, кратовскиот, кумановскиот и охридско-струшкиот регион. Експертите сугерираат при промоцијата на нашиот потенцијал, винскиот туризам да оди заедно со понудата на храна, како етнолошки гастропакет, но и да се надминат одредени бариери, како визите за кинеските туристи.

– Очекуваме процентот на учество на туризмот и угостителството во БДП, кој лани беше 1,7 отсто, годинава да достигне 2,5 проценти, а до 2023 година да изнесува 5 отсто – истакна државниот советник во Министерството за економија Зоран Павловски.
Тој нагласи дека продолжува владината поддршка, која во 2020 ќе изнесува 36 милиони денари.

– Идната година ќе бидеме фокусирани на комуницирање со слободните патувачи и ќе помогнеме во промоцијата и на винскиот туризам, но дополнително ќе ги означиме и десетте најкачувани врвови во државата, а првпат ќе издадеме и водич за слободни патувачи – кажа директорот на Агенцијата за промоција на туризмот Љупчо Јаневски.
Директорот потсети дека од денеска почнува онлајн-промоцијата на македонските туристички потенцијали низ балканските земји, а стартот е од Словенија и Бугарија.

– Ќе бидеме присутни на најпосетените портали, а комуницираме и со блогери. Во 2020 година очекуваме да нѐ посетат повеќе слободни патувачи. Нашата земја е можеби последната неоткриена дестинација во Европа – нагласи Јаневски.
Неговите очекувања се наредната година земјава да ја посетат над 1,3 милион туристи и да се приближиме до бројката од четири милиони ноќевања што, според него, значи дека девизниот прилив ќе биде над 400 милиони долари.

Елена Младеновска, директорка на здружението „Вина од Македонија“, дополни дека компетитивна предност на земјава се винскиот и гастротуризмот и дека при промоцијата фокусот треба да се стави тука, но притоа е неопходно да се создадат и услови од страна на државата.

Став на Стопанската комора на Македонија, која беше и организатор на тркалезната маса, е дека за успешна промоција на туризмот мора да имаме стратегија зад која ќе застанат сите засегнати страни, односно државата, експертите, научната фела и бизнис-секторот.