Фото: Маја Јаневска - Илиева

Новата бескаматна кредитна линија „Ковид 4“, за која компаниите ќе може да аплицираат од 15 јули, ја промовираа вчера заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими и извршниот директор на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов.
– „Ковид 4“ бескаматната кредитна линија изнесува 615 милиони денари или околу 10 милиони евра, и со оваа линија ќе бидат поддржани микро, мали и средни трговски друштва од најпогодените сектори од ковид-19, од опфатените дејности во делот на кредитокорисниците, занаетчиите што плаќаат давачки на реален приход, трговските поединци и приватните здравствени установи. Износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност од бројот на вработените и падот на приходите, може да изнесува од 3.000 до 30.000 евра, а роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеци со 12 месеци грејс-период – истакнува Битиќи.
Како што вели тој, во оваа кредитна линија е овозможена и грант-компонента до 50 отсто од висината на кредитот, доколку корисниците ги исполнат потребните услови, а тоа е во 2021 да имаат 5 отсто повеќе вработени во однос на 2020 година и вкупните приходи во 2021 да се зголемени за 10 отсто во однос на 2020 година или може да добијат грантови од 20 или 30 отсто доколку е остварен еден од условите.
– Оваа поддршка е за да им се помогне на граѓаните и на стопанството, особено на оние најпогодените, со цел да го амортизира влијанието на пандемијата и да овозможи услови за што поскоро и побрзо закрепнување на домашната економија од последиците од глобалната криза. Воочуваме постепено и стабилно подобрување на економската состојба што се отсликува преку повеќе макроекономски индикатори – смета Битиќи.
Тој додава дека има повеќе статистички параметри што укажуваат дека економијата оди во нагорна линија.
– Во последните три месеци, бележиме раст на индексот на индустриско производство, и тоа во март за 7,6 отсто, во април дури за 46,1 отсто и во мај за 16,5 отсто во однос на соодветните месеци во 2020 година. Меѓународната трговска размена бележи сериозен раст од 41,5 отсто, во првите пет месеци од 2021 година во споредба со истиот период лани, извозот расте со стапка од 44,3 отсто, а покриеноста на увозот со извоз во овој период е 73,7 отсто.

Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупниот број на вработени изнесува 793.121 лице, додека стапката на невработеност е стабилна и изнесува 16 отсто. Просечната нето-плата бележи раст од 10,1 отсто во однос на 2020 година и веќе сериозно се доближуваме до просечна плата од 500 евра – напомена Битиќи.
Тој објасни дека годинава ќе биде година на заздравувањето, по што нашата држава ќе се стреми кон остварување на приоритетните цели за забрзан раст и спроведување на европската агенда.
Директорот на Развојната банка, Кире Наумов, детално ги презентираше јавниот повик и критериумите за компаниите за оваа четврта бескаматна кредитна линија и посочи дека може да аплицираат субјекти што не користеле средства од првата мерка од петтиот економски сет, односно мерката за финансиска поддршка за плати за февруари и март на Управата за јавни приходи, субјекти што не користеле кредит од ,,Ковид 3“ од Развојната банка и субјекти што користеле кредит од ,,Ковид 1“ или од ,,Ковид 2“, но немаат неизмирени достасани обврски на денот на аплицирањето.