Сопствениците на рестораните за свадби, крштевки и други веселби бараат Владата ја укине забраната за нивна работа и да донесе протокол за вршење на нивната дејност пред сезоната за венчавки. Тие апелираат до Владата да не ги држи во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона, како и претходната.

Сопствениците најавија протест за следната недела доколку не добијат позитивен одговор и нивните барања не се усвојат.

– Бараме итно укинување на членот 14 од Уредбата излезена во „Службен весник“ на 23.6.2020 со која се забранува организирање на секаков вид настани (свадби, крштевки, родендени), во отворен и затворен дел од објектот. Како угостителски објекти, апелираме до Владата, да не ги држиме во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона како и претходната. Да спречиме да ни се повтори минатогодишниот пропуст, каде што младоженците беа принудени своите свадбени церемонии да ги прават во сопствените дворови и изнајмени викендички, без притоа да имаат можност да се примени соодветен протокол со дистанца и без потребните хигиенско-санитарни услови – велат тие.

Сопствениците уверуваат дека располагаат со големи капацитети, соодветна квадратура и можност да спроведат организиран настан со што би се запазиле сите веќе усвоени протоколи и според кои веќе функционираат останатите ресторани со ограничено работно време.

– Ние сме единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, а користевме парцијална државна помош во поддршката за плати и придонеси, која траеше само шест месеци – велат сопствениците.

Споредбено со регионот, додаваат тие, ние сме единствена земја која не доби протокол за организирани настани, а поддршката субвенционирање на плати и придонеси, како и еднократниот грант е убедливо најниска директна помош во нашиот сектор во регионот.

– Ние будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата и сме свесни дека во овој момент не може да се вратиме на истите услови на функционирање како во 2019 година, но од исклучителна важност за нашата дејност имајќи го предвид сезонскиот карактер, е потребна временска динамика на фазно донесување протоколи за отпочнување со работа. Тоа би ја олеснило одлуката на младоженците за одбирање погоден датум за организирање на својата веселба, а воедно би било од големо значење и за комплементарните дејности поврзани со нашата индустрија како што се: музичари, фотографи, слаткарници, цвеќари, модни дизајнери и ателјеа, шминкери, декоратери – велат сопствениците.