Фото: Игор Бансколиев

Според одредени пресметки, со поставување фотоволтаична централа, односно
соларни панели, годишно едно домаќинство може да покрие над 30 проценти од вкупната потрошувачка за електрична енергија. Оваа заштеда од година на година се зголемува со отплатувањето на инвестицијата

Голем интерес владее меѓу граѓаните и компаниите за инсталирање фотоволтаични системи на нивните објекти, но поради недореченостите во Законот за енергетика, бавно оди процесот за поставување вакви централи. За помалиот обем на инсталирање фотоволтаици кај индивидуалните објекти причината се крие во цената, која се движи од 4.000 евра па нагоре, во зависност од јачината и комплексноста на системот. Посебен интерес за инсталирање ваков вид централи на своите покриви покажуваат компаниите, но поради недонесување одредени подзаконски акти, не е регулирано како ќе се пребиваат вишоците струја што ќе бидат вратени во системот.

Од Министерството за економија велат дека подзаконските акти делумно се изработени и дека се доработуваат, по што ќе бидат испратени во Владата.
– Требаше да бидат готови до април, но работата сè уште не е завршена. Некои подзаконски акти на Законот за енергетика се готови, но некои не се и се работи на нив, по што ќе бидат испратени на усвојување во Владата – велат од Министерството за економија, без да прецизираат кога ќе се случи тоа, иако новиот закон за енергетика беше донесен уште во мај минатата година.

Заинтересираните за инсталирање на централите, пак, се нестрпливи.
– Имам мала фирма за производство на рекламен материјал, а струјата што сега ја користиме е индустриска и таа е со повисока цена од стандардната за домаќинствата. Машините ми работат од 8 наутро до 16 часот попладне, односно преку ден, па секаква заштеда на електрична енергија ми е добредојдена – вели Мишко Јовановски, сопственик на приватна фирма.

Тој има голем простор на покривот над неговата хала и сака да го искористи за поставување фотоволтаична централа со која делумно би обезбедил струја за технолошкиот процес.

– Засега на покривот имам поставено колектори за обезбедување топла вода, така што во фирмата имаме постојано топла вода без да трошиме струја за загревање. Објектот е цел ден на сонце, па сметам дека ако поставам фотоволтаична централа, значително ќе ги намалам сметките за струја. Ако произведувам вишок, уште подобро, бидејќи ќе се компензира она што го повлекувам од мрежата – нагласува Јовановски.
Според него, луѓето не се доволно информирани како воопшто е регулирана целата постапка околу поврзувањето со постојната електрична мрежа.

Од компаниите што се занимаваат со поставување вакви уреди велат дека буквално се затрупани со барања за инсталирање фотоволтаични системи, особено од фирмите. Оттаму додаваат дека сега и банките овозможуваат доделување на таканаречени зелени кредити на поединци и фирми, со што се овозможува помасовно искористување на сонцето за производство на електрична енергија. Инвестицијата би се вратила за најмалку пет години, по што следниот период добиената струја е буквално бесплатна, тврдат оттаму и потврдуваат дека работата е закочена поради недонесувањето на подзаконските акти.

– Интересот е огромен, Законот за енергетика е донесен, но недостигаат подзаконските акти што Владата ги најави, но сè уште не се донесени, а со кои треба да се регулираат повеќе работи, како пребивањето околу вишоците на произведена струја што се вратени во системот. Сега работава е сведена на жими мајка – додава истиот извор.

Инаку, годишниот потенцијал за производство на соларна енергија во Македонија се проценува на 1.300 до 1.550 киловат-часа.Минатата година беше инсталирана првата фотоволтаична централа за домаќинства во скопската населба Тафталиџе, на покривот на приватна куќа. На објектот се поставени 12 панели со вкупна максимална инсталирана моќност од три киловати.

Според одредени пресметки, со поставување фотоволтаична централа, односно соларни панели, годишно едно домаќинство може да покрие над 30 проценти од вкупната потрошувачка за електрична енергија. Оваа заштеда од година на година се зголемува со отплатувањето на инвестицијата.

[email protected]