СОНК и Министерството за образование се договорија од 1 јануари просветните работници да добијат покачување на платите од 10 отсто. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека на состанокот биле отворени и други прашања, како што се регрес за годишен одмор, трошоци за превоз до работните места и друго. Тој нагласи дека тука не запираат преговорите и за остварување на другите барања.

Министерот за образование Арбер Адеми рече дека е горд на постигнатиот договор и дека со него е вратен дигнитетот на наставничката професија.

– Одлучивме да ги покачиме платите за 10 отсто од 1 јануари, 2020 година. Ова важи за сите вработени во основно, средно и високо образование. Со оваа одлука се враќа дигнитетот на наставничката професија. Јас сум горд. Интензивно се преговараше, се консултиравме и во следниот период ќе продолжиме со подобрување на статусот на сите вработени во образованието – истакна Адеми по денешната средба.

СОНК вчера соопшти дека го става во мирување најавениот генерален штрајк, која требаше да почне в понеделник, додека не се усогласат околу терминот за исплата на повисоки плати.