Преку акцијата на „Екон Електрон“ и „Екоцентар 97“ во изминатите 2 месеца беа собрани над 16 тони отпад од електричните и електронските уреди од околу 200 домаќинства во Скопје и околината.

Граѓаните кои имаа стари и неупотребливи електрични апарати или електронски уреди можеа да се јават, да договорат нивно бесплатно преземање и да добијат определен паричен надоместок за уредот. Просечно, беа подигнати по 80 килограми уреди од едно домаќинство.

Организаторите истакнувајќи ја својата благодарност до граѓаните, апелираат за уште поголема свесност за позитивниот аспект на рециклирањето на овој вид отпад и до уште поголема вклученост во нивното собирање и рециклирање.

– Им благодариме на граѓаните за учеството во акцијата и за нејзиниот успех. Заеднички придонесовме голем број на уреди да бидат соодветно депонирани и подготвени за рециклирање во „Екоцентар 97“ . Нашата цел е да ја заштитиме животната средина од опасниот и штетен отпад, а притоа да придонесеме за локалниот економски развој преку ангажирање на ресурси и персонал за собирање и натамошно постапување со опасниот материјал од овие уреди – истакнуваат од „Екон Електрон“.

Граѓаните и правните лица можат во секое време и по завршувањето на оваа акција, преку веб страницата www.ekonelektron.mk да договорат бесплатно подигнување на неупотребуваниот и погабаритен електричен или електронски апарат од нивните домови или фирми.
Исто така, продолжуваат и одделните акции на „Сетек“ и „Горење“ едни од основачите на „Екон Електрон“, преку кои граѓаните за пријавените или донесени стари уреди, ќе можат да добијат ваучер или попуст при купувањето на нови производи. Деталите за овие акции може да се најдат на нивните веб страници и во продажните места.