Собранието попладнево со 56 гласови „за“ и 37 гласови „против“ го донесе ребаланост на Буџетот за 2021 година. За ребалансот се гласаше на петтиот ден од расправата во законодавниот дом.

Вкупните приходи се планирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за околу десет милијарди денари или 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции. Даночните приходи се планирани на ниво од 123,9 милијарди денари, односно за околу шест милијарди повеќе во однос на иницијалниот буџет.

Во однос на планот за 2021 година, социјалните приходи се во износ од 69 милјарди денари и се за околу една милијарда денари повисоки. Останатите приходи се  планирани на ниво од 29,5 милијарди денари.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари, односно се повисоки за 21 милијарда денари, а капиталните расходи се на ниво од 30,5 милијарди денари, или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година.

Дефицитот е проектиран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Зголемувањето на дефицитот од 4,9 на 6,5 отсто е резултат на потребата за зголемено финансирање за сетот на економските мерки за справување со последиците од здравствено-економската криза. Стапката на инфлација е предвидено да изнесува 2,1 отсто.

Со ребалансот на буџетот се обезбедени финансиски средства за исплата на регрес на годишен одмор согласно Гранскиот колективен договор за државните институции, како и дополнителни средства во здравствениот сектор за активности кои директно придонесуваат во борбата против здравствената криза, а се однесуваат за набавка на лекови и вакцини за имунизација на населението.