Владата го објави најновиот шестмесечен извештај за трошоците на функционерите на актуелниот состав на Владата. Целта на оваа алатка, како што вели владината прес-служба, е да врши мониторинг врз трошењата и работата на носителите на јавни функции и да ги наметне и промовира вредностите за кои оваа Влада силно се залага, а тоа се: штедење на парите на граѓаните и домаќинско работење, како и транспарентност и отчетност пред граѓаните.

-Според податоците што произлегуваат од мониторингот со помош на алатката за отчетност и транспарентност, Владата на Република Северна Македонија во четвртиот циклус од своето владеење, односно во периодот од декември 2018 до мај 2019 година, ги намалила вкупните трошоци за 26 отсто, во споредба со првиот мониториран циклус кој го опфати перидот од јуни до крајот на ноември 2017 година.
Овој извештај се однесува за личните службени трошоци на претседателот на Владата, замениците на претседателот, министрите, заменик-министрите, генералниот секретар на Владата и државните секретари на министерствата, за периодот декември 2018 – мај 2019, а бележи вкупно трошоци во овој мониториран циклус во висина од 16.184.264 денари, за разлика од првиот мониториран циклус, веднаш по стапувањето на должност на актуелната влада, кога се забележани трошоци во висина од 21.876.430 денар.
Падот на вкпуните лични службени трошоци на носителите на јавни функции, опфатени со овој мониторинг, бележи континуитет, ако се земе предвид и податокот за вкупните трошоци за претходно мониторираниот периодот од јуни до ноември во 2018 година, кога тие изнесуваа 18,259,116 денари.
Колку за споредба, вкупните угостителски услуги преку мензи, ресторани и бифеа во рамките на институциите, во првиот мониториран период (јуни – ноември, 2017 г.), изнесувале 5.965.616 денари, а во најновиот период (декември 2018 до мај 2019) се намалени на 3.211.886 денари.
Вкупните угостителски услуги во земјата преку угостителски објекти, од 4.098.762 денари, паднале на 1.610.929 денари во споредбените мониторинг-циклуси, додека, пак, угогостителските услуги во странство од 935.652 денари се намалени на 716.318 денари.
Заклучно со четвртиот мониториран циклус од декември 2018 година до мај оваа година, алатката веќе нема да ги прикажува трошоците на функционерите од претходната влада, бидејќи споредбата ќе го зафати периодот на техничката влада.
Со овој најнов извештај, алатката ги содржи финансиските и наративни извештаи за 24 месеци, поточно од јуни 2017 до мај 2019.
Алатката со податоците до третиот циклус, која ги содржи споредбите со претходната Влада, ќе биде архивирана и достапна за преглед на сајтот на Владата – се вели во владиното соопштение.