Фото: Маја Јаневска-Илиева

Експертската јавност во повеќе наврати алармира дека е неопходно да се ревидира процесот на планирање на капиталните инвестиции и да се идентификуваат сите тесни грла во нивната реализација, кои, се разбира, може да бидат различни кај различни типови проекти

ОПАСЕН ТРЕНД ВО МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО ИЗМИНАТИВЕ НЕКОЛКУ ГОДИНИ

Ниското ниво на реализирани капитални инвестиции води до голем број опасности за економијата, особено за време на ковид-кризата, која дополнително го забави економскиот раст. Од почетокот на годината се реализирани само 18 отсто од планираните капитални инвестиции. Јазот помеѓу планираното и оствареното е многу голем веќе со години, што економистите го објаснуваат, пред сѐ, со слабиот административен капацитет за планирање и реализација на капиталните инвестиции. Поради тоа, експертската јавност во повеќе наврати алармира дека е неопходно да се ревидира процесот на планирање на капиталните инвестиции и да се идентификуваат сите тесни грла во нивната реализација, кои, се разбира, може да бидат различни кај различни типови проекти.
– Реализацијата на капиталните инвестиции е проблематична веќе со години. Експертската јавност во повеќе наврати алармира дека е неопходно да се ревидира процесот на планирање на капиталните инвестиции и да се идентификуваат сите тесни грла во нивната реализација, кои може да бидат различни кај различни типови проекти – вели Марјан Петрески, универзитетски професор.
Според него, во крајна линија, проблемот можеби е во потенцијалот за нивна реализација, односно желбите при планирањето да се едно, но техничко-организацискиот капацитет на државата да е друго.

– Порамнување на очекувањата при планирањето со тие капацитети е клучно. Инаку, нема дилема дека капиталните инвестиции на државата може да бидат еден мотор што ќе ги помогне постпандемиското закрепнување и ревитализацијата на економијата. Само треба да бидеме добро организирани – објаснува Петрески.
И според даночниот експерт Павле Гацов, системски слабости се проблем кај капиталните инвестиции, затоа реализацијата е постојано мала.
– Беше најавена во рамките на Министерството за финансии некаква единица што ќе го води сево ова, бидејќи има системски слабости, од аспект на проекти, реализација, следење, туркање на луѓето што треба да ги реализираат проектите, но сѐ уште ова не е направено и затоа уште одамна овие слабости се провлекуваат – истакнува Гацов.
Универзитетскиот професор Борче Треновски, пак, додава дека постои и дисбаланс помеѓу социјалниот дел од буџетот и капиталните инвестиции.
– Социјалниот дел од буџетот пораснал за 70 отсто, а капиталните инвестиции пораснале за 14 отсто последните 10 години, тука има голем дисбаланс, особено поради тоа што капиталните инвестиции треба да бидат приоритет за држава, бидејќи тие се крвотокот, слика на секоја влада – објаснува Треновски.

Според него, капиталните инвестиции ги тестираат политичката култура, разбирање и волја да ги надминат теснополитичките интереси во корист на граѓаните и да овозможат реализирање на вистинските капитални проекти без разлика на субјективната политичка сопственост врз истите тие.
Како и да е, упатените се согласни дека лошото планирање на буџетските средства за капитални инвестиции и лошата техничка реализација се некои од клучните причини зошто се потрошени само малку од планираните пари за крупни државни проекти.