Банкарските експерти се согласни дека клиентите мора да имаат доволно информации за тоа кои се трошоците за банкарските услуги и со каква фреквенција тие се наплаќаат

Списокот на банкарски услуги што им ги наплаќаат на граѓаните е многу долг. Тие наплатуваат одделно за секоја услуга, некои провизии на месечно ниво, некои на годишно, а клиентите немаат точна и транспарентна слика за нивниот месечен трошок во банката во која примаат плата. Клиентите честопати имаат недоумица колкав е трошокот за е-банкарство, колку често се наплатува, еднократно, месечно или годишно, и затоа некои од нив се двоумат дали да го користат или не. Вакви дилеми има и за провизиите за СМС-известување, плаќања во земјата и во странство, отворање и затворање трансакциска сметка, промена на пин, за предвремена исплата на рата за земен кредит и многу други.
Банкарските експерти се согласни дека клиентите мора да имаат доволно информации за тоа кои се трошоците за банкарските услуги и со каква фреквенција тие се наплаќаат, со што ќе се елиминираат скриените трошоци.
Според Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, постоењето на т.н. скриени трошоци што граѓаните им ги плаќаат на банките за соодветните кредити може да се елиминира со донесување пропис со кој ќе се задолжат банките да ги презентираат своите ефективни каматни стапки на кредитите.
– Тоа значи дека би се утврдиле збирни каматни стапки (основна каматна стапка, плус разни премии, плус надоместоци за разни банкарски трошоци и слично), кои банките ќе ѝ ги презентираат на јавноста пред склучувањето на кредитните договори. Нивната, евентуална, измена би се извршила само ако постои договорен услов за нивна променливост, за што коминтентот се согласил уште со самото потпишување на договорот – објаснува Неновски.

Истовремено, додава тој, потребно е граѓаните да внимаваат кога ги потпишуваат договорите, детално да ги прочитаат пред нивното потпишување, за да нема дополнителни изненадувања што би можеле да произлезат од одредбите на договорот и кои би предизвикале дополнителни трошоци за нив.
– Во таа смисла, добро е повремено да се организираат кампањи од страна на надлежни банкарски институции за зголемување на финансиската писменост на граѓаните – истакна Неновски.
Поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески, смета дека скриените трошоци мора да станат видливи, со што ќе се подобри и довербата во банкарските институции.
– Услугите што им ги наплаќаат банките на граѓаните се најразновидни и тие се должни да им пренесат на сите клиенти кои им се правата и обврските. Но, како што се создава конкуренцијата од година на година во банкарскиот сектор и како што тие ги намалуваат каматите на кредитите, така ќе дојде на ред и износот на овие услуги да се намали. Сето тоа е затоа што веќе новорастечките банки што се приближуваат кон големата тројка одат многу агресивно со намалени цени на услугите и само тоа може да го промени износот на скриените услуги – истакна Трпески.
Како што вели тој, приходите на банките се големи најмногу поради каматите на кредитите и на провизиите, не толку многу на услугите што ги наплаќаат.

– Бидејќи расте кредитната активност, со тоа растат и услугите и затоа се зголемуваат приходите на банките. Сметам дека тие се високи во споредба со поразвиените банкарски системи и каматите и услугите, но само конкуренцијата може да ги направи да бидат пониски – додава Трпески.
Законите што важат за банките мора да содржат акцент на транспарентност, велат од Народна банка, додавајќи дека за граѓаните мора да е јасно кои се трошоците при користењето каков било банкарски производ или користење банкарска услуга.
– Централните банки не може да влијаат на цените на производите што ги нуди банкарскиот систем. Меѓутоа, она што е наша задача индиректно преку промовирање поголема конкуренција во банкарскиот систем, самата конкуренција природно да доведе и до поширока палета и до услуги за граѓаните – наведуваат од НБРМ.