Фото: Игор Бансколиев

Уделот на луѓето што работат со скратено работно време во ЕУ се зголемил на 19 отсто во 2017 година. Интересот за скратено работно време во Македонија е многу мал и тоа најчесто во трговијата, а пред сѐ во сивата економија, велат упатените

Расте бројот на лица што работат со скратено работно време низ Европската Унија, покажуваат последните податоци на „Евростат“. Ова, според експертите, е очекувана промена со оглед на промените на пазарот на трудот и на разликите во професиите. Но во Македонија и понатаму доминираат вработувањата со полно работно време. Упатените укажуваат дека нетипичните работни места, на кои задачите можат да се извршуваат со скратено работно време, повеќе се опфатени во сивата економија, и дека државата и институциите прво треба да овозможат услови за луѓето повеќе да ја одбираат скратената форма на работно време.

Како што е наведено во анализата на „Евростат“, растот на работата со скратено работно време претставува значајна промена во работните услови.

– Уделот на луѓето што работат со скратено работно време во ЕУ се зголемил од 15 проценти во 2002 година на 19 отсто во 2017 година. Притоа за скратеното работно време повеќе се определувале жените, дури 31 процент. Додека, пак, само осум отсто од мажите биле вработени со скратено работно време – пишува во извештајот.
Вкупното учество на работниците со скратено работно време варира меѓу земјите-членки, со најголеми пропорции оваа форма на вработување е забележана во Холандија каде што достигнува дури 47 проценти. Потоа следуваат Австрија со 28 отсто, Германија 27, а во Белгија и во Обединетото Кралство 24 проценти. Најниска стапка на вработени со скратено работно време е забележана во соседна Бугарија 2, Унгарија 4 и во Хрватска 5 отсто.

– Трендот на скратено работно време, кое зема замав низ Европа, е присутен пред сѐ кај нетипични вработувања и е сосема логичен со оглед на промените што се случуваат во поглед на професиите, кои сега доминираат на пазарот на трудот. Сепак, кај нас е многу мал интересот за работници на скратено работно време, има многу мала побарувачка, што може да се забележи и од огласите – рече Раде Ненадиќ, сопственик на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.

Тој додава дека понекогаш се бараат работици за скратено работно време за трговија, но тоа се многу занемарливи бројки и дека повеќето од струките што би можеле да се работат со скратено работно време се опфатени со сивата економија.

– Работа од дома, работници на повик, сите нестандардни форми на работно време се опфатени со сивата економија. Кога тие би се пријавувале и би им течел стажот, би излегле на површина повеќе форми на вработување, и сигурно и поголема потреба од пријавување со скратено работно време – додава Ненадиќ.

Низ Европа се практикуваат различни форми на вработување, бидејќи има поголем избор на работни места за кои е доволно скратено работно време, а не цели осум часа, вели првиот човек на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

– Тие форми ги имаат договорено бизнис-заедниците и синдикатите. Во Европа се спроведуваат разни форми на еднаквост и почитување на работниците, но и многу форми на почит кон семејството, кон мотивација на жените за негување на семејството, па им се овозможува да поминуваат повеќе време со децата, без оглед дали се мали или поголеми. Се остава на процена на мајката, на жената дали да работи со цело или со скратено работно време. Дополнително што тоа им го овозможуваат менаџерите, благодарение на условите што ги има државата – вели Бошков.

Претседателот на БКМ истакнува дека во Европа се вреднува семејството и се дозволува жените повеќе да работат со скратено работно време.

– Исто така мора да се има предвид дека ова е овозможено во ЕУ бидејќи има промена и во професиите што се работат, кои овозможуваат да се применува скратено работно време – дополни Бошков.

Од друга страна и Савка Тодоровска, долгогодишен борец за правата на жените и претседателка на Националниот совет за родова рамноправност, истакнува дека за да се дојде до скратено работно време мора да се создадат услови од институциите и да се промени свеста кај граѓаните.

– Нашата заложба е родовата рамноправност, но факт е дека кај на сѐ уште имаме стеротипи околу улогите на жената и на мајката. Нашите заложби се насочени пред сѐ кон институциите, да се создадат услови за жените да може да одберат форма како ќе бидат пријавени – кажа Тодоровска.

Таа нагласи дека во развиените земји предност е што има голем спектар на работни места, па жените можат да избираат какво работно место ќе прифатат при што можат да сметаат и на дополнителна поддршка од државата за децата.

– Ова зависи од државата и од условите што истата таа ги овозможува. Доколку имаат поддршка од државата тогаш ќе можат да изберат дали ќе работат скратено или полно работно време. Да не го споменуваме проблемот со згрижувањето на децата што, секако, придонесува во целата слика, која воопшто не е едноставна. Ова е прашање што темелно треба да се разгледа, но покрај условите што треба да ги овозможи државата, треба да се промени и свеста кај граѓаните – заклучува Тодоровска.